Од наш агол Земјоделството-циклус кој не запира
Во деновите кога светот застана и се заклучи-огромен респект кон земјоделците кои продолжија да работат во ритамот на природата, во циклусот кој никогаш не престанува. Се разбудивме денес во целосно различен свет,каде што животот што го знаевме е ставен на пауза, каде што се’ што имавме постигнато, стекнато и научено, сега е сведено на основните потреби за живот и преживување. Зелена Берза останува посветена на нашите земјоделци со поддршка и понуда за се што им е потребно, како што и досега сме правеле.
Одредени дејствија се уште продолжуваат по „старо“: изгрејсонцето го најавува доаѓањето на денот, семињата продолжуваат да растат и да даваат плод, ветрот се уште ја гали природата, ќе го ожнееме тоа што сме посеале, а дождот ќе падне кога му е време. Стадото ќе продолжи да се грижи за најмалите, годишните времиња ќе се менуваат… земјоделецот ќе ја продолжи својата мисија, за да обезбеди храна за сите нас!
Затоа праќаме апел до Владата и политичкиот врв итно да преземат мерки за заштита на овој сектор кој е принуден да работи и остварува, произведува и снабдува. Мора да се донесат мерки за финансиска поддршка на земјоделците од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19.
Тие го произведува најнеопходното за живот-храната
Наш предлог е најпрво да се субвенционираат со повисоки субвенции или со друг вид финансиска помош сите земјоделци на кои земјоделието им е примарна дејност. Тие луѓе живеат од и за земјата. Тие се секогаш изложени на природните влијанија и непогоди. За нив состојбата на Виша сила е секојдневие. Тој нивни ризик вреди да го платиме сите преку Буџетот.
Македонија брои многу земјоделци на кои земјоделството им е дополнителна дејност. Нивните заслуги се огромни, но нивниот ризик е диверзификациски, нивниот професионален пристап и заложби се далеку помали од вложувањето на земјоделецот кој сите свои финансиски, човечки и интелектуални ресурси ги ставил во својот насад или нива.
Посебен проблем што го носи COVID-19 е влијанието врз работната сила во земјоделството, особено во трудоинтензивните индустрии, како што се одгледува овошје и зеленчук. Неопходните сезонски работници, често работат на црно, без здравствена заштита.
Голем дел од земјите кои се затекнати со коронавирусот ги повикаа своите отпуштени работници или вработените во загрозените дејности да почнат да работат и помагаат во земјоделските компании. Ова би било вин-вин комбинација и за двете страни.
Сега и веднаш да се помогне аграрот
Финансиска поддршка, помош при пласман на производи, гарантирана цена, мониторинг на откупните договори, следење на водостопанствата и можностите за наводнување, пристап до евтини кредити, ставање во функција на Гарантниот фонд и слични активности ќе го помогнат производството на храна.
И се уште во ниту една од мерките не е спомената категоријата- Индивидуален земјоделец, субјект кој не е третиран со Законот за трговски друштва, не е уметник, не е невработен, но е предвиден во нашето општество и како категорија постои и опстојува.
Но, категорија која ја нема во мерките за финансиска поддршка на приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19. Владата и сите ние сме на потег да им помогнеме на нашите херои !
Зарем ни требаше пандемија за да сфатиме КОЛКУ СЕ ЗНАЧАЈНИ ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ И НИВНОТО ПРОИЗВОДСТВО!
Ви благодариме од срце храбри луѓе !
Христина Фуна