fbpx
Вести

Од Нова година Русите ќе можат да пробаат македонски кашкавал и сирење

Од Нова година околу 40 тони сирење и кашкавал млекарницата „Здравје Радово” треба да почне да извезува на рускиот пазар. Ова практично ќе значи и старт на договорот кој беше потпишан со Руската Федерација за извоз на македонски млечни и месни производи на овој голем пазар. Покрај „Здравје Радово”, со двата производствени погона во Куманово и во Радово, дозволи за извоз добија и „Балканска млекара” од Скопје и „Бучен Козјак” од Куманово. Заедно со нивните производи месечно од земјава треба да се извезуваат осумдесеттина тони. Другите фирми се уште чекаат писмено известување дали им е одобрен извозот од руската агенција „Россељхознадзор”. Спроведениот систем на безбедноста на храната, потекло на суровината, начинот на ферментација и начинот на чување на млечните и месни производи биле само дел од барањата на руските инспектори што вршеа контроли низ нашите месни и млечни фабрики.

Директорот на млекарницата „Здравје Радово”, Јован Дабевски, вели дека одамна работеле на проучување на рускиот пазар.

hitkujna-sirenje

 

Постепено освојување на пазарот

Документите и подготовките се при крај. Засега ќе одиме само со извоз на сирење, бидејќи нашата фабрика и по тоа е најмногу позната. Планираме полека, но сигурно да го освојуваме рускиот пазар. Исто така сконцентрирани сме само на одредени области бидејќи Русија е голем пазар. Месечната динамика според плановите е 20 до 40 тони сирење и кашкавал, а колку ќе биде реалната, ќе покаже времето вели Дабевски. Со инспекцијата на „Россељхознадзор” беа опфатени уште 11 компании, но кај дел се забележани извесни недостатоци и тие имаат рок да ги поправат забелешките со што би им се отвориле можностите за извоз.

white-cheese

Во Агенцијата за храна велат дека очекуваат околу 15 фирми да добијат дозволи за извоз. Во моментов се работи на отстранување на недостатоците што биле посочени од руската страна.

Наши луѓе работат заедно со фирмите во погоните и полека, но сигурно се отстрануваат забелешките што ги имаа руските инспектори. Дел од нив сметам дека веќе се подготвени за извоз, а за другите ќе побараме дополнително време за отстранување на недостатоците. Во моментов се спроведуваат акциските планови и мислам дека сите се имплементирани,- изјави неодамна Зоран Поповски, директор на Агенцијата за храна.

krem-sirenje

Засега извоз само на млечни производи

Руската служба за ветеринарна и фитосанитарна контрола „Россељхознадзор“, престојуваше во Македонија пред извесно време. Под надзор беа 15 македонски компании од млечната и месната индустрија, вклучувајќи и кланица. Три од нив добија дозволи, а другите недостатоци требаше да ги отстранат во догледно време.

Генерално беа задоволни од она што го видоа. Следеа се, од нива до трпеза. Наши извори велат дека сопствениците на погоните за храна биле опоменати да обрнуваат внимание на здрава добра суровина, на начин на производство, но и на начинот на чување на произведеното. Предочено им било дека во иднина треба многу да се внимава со увозот на суровината. Мора да ги избегнуваат европските држави и да се бараат алтернативни пазари како Бразил и други земји.

Трговската размена на Македонија со Руската Федерација според Министерството за земјоделство во 2014 во споредба со 2013 година е зголемена за 92,8 проценти, а во првите три месеци од годинава е задржано истото темпо. Очекуваат дека оваа 2015 година ќе биде подобра во однос на 2014 година.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close