Од вторникот започна со работа сточниот пазар во Битола
Пред една недела започна акција за чистење на бујната вегетација во сточниот пазар во Битола. Со решение од Агенцијата за храна и ветеринарство на РМ сточниот пазар од 23 август започна да функционира, со што се поништи претходното решение, со кое превентивно за да не се прошири болеста јазлеста кожа на територијата на општина Битола, овој пазар беше затворен.
За време од четирите месеци , додека сточниот пазар не функционираше, ова претпријатие претрпе загуба од околу 530 000 денари. Но доколку така не се постапеше загубите ќе беа уште поголеми. Мерките што ЈП Пазари ги спроведе по решението на АХВ резултираше позитивно и на територијата на општина Битола не е регистриран случај на заболени говеда од јазлеста кожа.
Она на што обрнуваат внимание од ЈП Пазари е дека нема да се дозволи во пазарот да влезе стока без сертификат за вакцинација од која поминале најмалку 28 дена.
Годишно на сточниот пазар во Битола влегуваат околу 5000 грла крупна стока и 5000 грла ситна стока, така што функционирањето на овој пазар е од големо значење за буџетот на ова јавно претпријатие.