вестиМакедонијаТоп вести

Одгледување боровинки е новиот хит семеен агробизнис

Со еднократно вложени 4 илјади евра во еден декар заработката може да достигне и до 10 илјади евра секоја година

Во потрагата по нови семејни агробизнис идеи од секогаш биле иновативните македонски земјоделци. Иако имаше доста и проблематични почетоци на некои од новите агро бизнис идеи сепак тој тренд на потрага по нешто ново во земјоделството не згаснува и секогаш се бара нешто што е лесно за одгледување, не бара големи површини, лесно се продава и постигнува високи откупни цени. Ова можеби звучи како прекомплицирано да се постигне но сето ова го нуди одгледувањето на боровинки. Како култура не е ништо ново. Боровинката е позната, призната овошна култура која ја знаат и ценат потрошувачите но најчесто пазарот се задоволува од шумска собирана боровинка која е сосема поразлична од култивираната. Нејзиното одгледување од секогаш било мало и проследено со проблеми и најчесто со откажување на земјоделците бидејќи не давала солидни и стабилни приноси. Сето ова денес е надминато со најновиот начин на одгледување кој го практикуваат високо развиените аграрни земји од каде и дојде новата технологија на строго контролирано одгледување на боровинки во вреќи во кои има специјален супстрат. Сите успеси и неуспеси во одгледувањето на боровинките најдобро на своја кожа ги почувствувало семејството Милошевски од струшкото село Дрслајца кое денес го има најголемиот насад од еден хектар или 3000 стебла на боровинки во земјава.

-Нашата семејни приказна како фамилија која се занимава со производство на боровинки е започната уште пред десет години. Тогаш засадивме боровинки во земја и со години се мачевме и не знаевме зошто не ни раѓаат. Иако после сите борби не ни беше успешна работата ние не се откажавме туку преку саеми и разни обуки собравме искуства и знаење за тоа како треба да се одгледуваат боровинките. Најновите сознанија доведоа до тоа да се набават садниците од Полска, тресетот кој е специјален за боровинките од Литванија а вреќите во кои се како еден вид на саксија се од Србија. Сега имаме 3 илјади садници на еден хектар кои се насадени лани во ноември. Ова ни е втора есен и прилично сме задоволни како напредуваат и како раѓаат. Она што од првата година од ова производство го видовме е дека многу полесно се продаваат отколку аронијата и бидејќи е дефицитарна култура а широко позната немаме проблеми со пласманот и постигнувањето високи продажни цени, рече Маја Милошевска од село Дрслајца Струга.

Овој агро бизнис стана атрактивен затоа што се надминаа сите проблеми при производството со новиот начин на одгледување во вреќи. Со овој начин практично садниците немаат никаков контакт со површината каде се поставени и воопшто не е важно каков квалитет е нивата и немате потреба од никакви орања и трошоци за обработка. Во редовите се поставува посебна фолија која помага да се покрие површината околу садниците за да спречи растењето на плевелите и да се заштеди на работна сила. Тоа значи дека останува само меѓуредовиот простор кој во неколку наврати во годината се коси. Една садница чини 4 евра но заедно со тресетот и вреќите вкупниот трошок е 13 евра што за еден декар е инвестиција од 3900 евра. На овие пари треба да се пресмета уште најмногу 200 евра дополнителен трошок за поставувањето на системот за наводнување капка по капка и со тоа завршуваат сите инвестиции. Приходната страна на оваа инвестиција покажува дека во втората година се враќаат вложените пари и понатаму секоја година следуваат чисти заработки. Едно дрвце во првата година дава во просек по околу 1,5 килограм боровинки додека од втората година па натаму е во полна родност и дава во просек по 4 килограми по дрвце. Вкупниот принос од еден декар се движи околу 1200 килограми. Најминималната откупна цена е 3,5 евра под која цена никогаш не паднала а лесно се продаваат во просек за 5 евра а во одреден период од годината достигнуваат и по 10 па и до 20 евра за килограм. Пресметано по минималната откупна цена од 3, 5 евра произлегува дека заработките се околу 4800 евра а ако се продаде по 5 евра заработките се околу 6000 евра а ако се продаваат по околу 8 евра тогаш заработките од еден декар се околу 10 000 евра. Годишните трошоци за одржување се минимални. За ѓубриво и две до три превентивни заштити максимално се инвестираат по околу 150 евра. Она што е значајно е дека боровинката бара кисела pH реакција која треба да биде 5,5. Заради ова специфика тресетот мора да биде специјален прихраната треба да се врши со ѓубрива со кисела реакција и најзначајното е водата со која се полеваат треба да се направи да биде со pH 5,5 реакција. За ова се додава сулфурна киселина во водата а дозата се одредува на тој начин што се мери кај капалките која е реакцијата со pH метар и така се одредува колку има потреба да се додаде. Во летниот период кога е најжешко се даваат по два литра дневно и тоа во два наврати приквечер и наутро.

-Во вреќите каде што се засадени боровинките на горниот дел има поставено борова пилевина која штити да не растат плевели, спречува испарување и со нејзиното скапување дава и мала прихрана. Доста е отпорна и ние вршиме две до три превентивни третирања со заштитни средства. Еден декар можат без проблеми да го берат двајца што го  прави идеален семеен агро бизнис. Бербите траат околу еден месец бидејќи постепено созреваат боровинките рече Томе Негријоски производител на боровинки од село Дрслајца Струга.

Сега во овој период од годината е идеалното време за подигање на нови овошни насади меѓу кои спаѓа и боровинката која нуди можност од мала површината да имате солиден дополнителен приход на семејниот буџет.

 

З.Б.

Слични написи

Back to top button
Close