вестиСовети

Одгледување и исхрана на товни говеда за извоз

Доколку целта на развиените земји на Запад е производство на квалитетно месо за извоз, тогаш прво треба да се размисли за изборот на раси погодни за гоење. Покрај прашањата кои раси ќе ги одгледуваме, се поставува и прашањето за начинот на одгледување кој дава резултати кои се барани на пазарот, а исто така може да им обезбеди и добра заработувачка на производителите.

Сточарите на Запад, пред се одгледуваат телиња во системот крава – теле т.е имаат постојано стадо, од кое ги издвојуваат телињата за продажба. Телињата израснуваат покрај кравите и прво се хранат со нивното млеко, а потоа преминуваат на друга храна.

Масовното производство подразбира начин на гоење на говедата и поминување на поголемиот дел од животот во големи системи во кои условите не се добри за производство на месо со врвен квалитет. Покрај тоа, овој начин на производство, се повеќе е под лупа на јавноста, поради неадекватниот третман на животните и законската регулатива, која е се порестриктивна по тоа прашање.

Говедата, не само што немаат доволно простор, туку често и не можат да се движат. Се хранат со концентрати на база на соја и пченка со мал додаток на сено или трева, што не е оптимална исхрана за нивното здравје, но е за брзо гоење. Покрај тоа, честа е употребата на антибиотици и хормони за раст.

Вака одгледуваните говеда се помалку се бараат во развиените земји.

Што сака Западот?

Накратко, потрошувачите на Запад сакаат природно т.е органско. Во природата, говедата не јадат концентрат туку свежа трева и се движат слободно. Разликата во месото на говедата кои се хранат со трева и говедата кои се хранат со житарици е голема и во вкусот и во квалитетот.

Пред се, месото добиено од говедо кое користи трева во исхраната, во себе содржи помалку маснотии, но има повеќе омега 3 масни киселини и други посакувани состојки. Освен тоа, месото од говедото кое се хранело со трева е побогато со витамини и антиоксиданси.

Проблемот е во тоа што со исхраната која е здрава и за говедата и за луѓето кои ќе го конзумираат нивното месо, треба многу повеќе време за да се постигне посакуваната килажа и масност на месото за пазарот. Поради тоа, било неопходно да се направи компромис.

Житарици само во последната фаза

Говедското месо од животните кои се хранеле само со свежа трева, секако и сено, кога е неопходно поради годишното време, секако е најскапо. Кој ќе се одлучи за вакво производство, може, односно мора да заборави на масовност и да се насочи само на квалитет.

Проблемот е во тоа што бројот на луѓе кои имаат пари за да си дозволат себе си ваков деликатес е релативно мал. Поради тоа е направен компромис, така што и на просечниот купувач му се нуди нешто поздраво од месото одгледано во масовното производство во големи хали, во кои условите за живот на животните се лоши.

Константен и висок пораст на животните е цел на секој сточар

После одделувањето од мајката, телињата се пуштаат на слободна паша, се додека условите тоа го дозволуваат. Дури во последната фаза, пред колењето, телињата се хранат со житарици и тоа пред се со пченка, јачмен и рж. Целта на ова производство е обезбедување на животните што подобри услови за формирање добри протеини т.е мускули кои на крајот ќе бидат прошарани со маснотија од завршната исхрана со житарици. А, прошараноста е исклучително барана.

Овој метод има неколку предности. Пред се, ги почитува најсовремените препораки за добробит на животните, што за возврат обезбедува квалитетно месо.

Од потрошувачки агол, се поголема е потрошувачката на месо чие потекло е познато, а посебно за месо од животни кои се третирани на добар начин. Некогашните пракси, како што е врзувањето на телињата за подот за да не се движат со цел да добијат што помеко месо, не само што станале противзаконски, туку и во свеста на потрошувачите станале неприфатливи.

Од друга страна, само исхраната со трева, на месото му дава вкус кој е близок до вкусот на дивите животни, додека житната завршница го ублажува тој специфичен вкус кој не е за секого.

Секако, на се ова голема улога игра и расата на говедата која се одгледува поради брзината на растот, квалитетот на месото, како и пазарната исплатливост.

 

Валентина Соколовска

за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close