вестиМакедонијаТоп вести

Одгледување компири во слама

Одгледувањето на компири во слама е стар подзаборавен начин. Овој начин на  одгледување има големи предности. Секој што сака да го испроба овој модел може многу лесно да огради еден мал простор од неколку квадрати да ги согледа самиот производните резултати и да одлучи дали понатаму би одгледувал на овој начин компир, вели    Велјан Филчески агроном во пензија од Охрид.

Со секоја завршена жетва најголем проблем за производителите почна да преставува сламата која останува по нивите. Голем дел за жал се одлучуваат да ја изгорат на самата нива со што си прават огромни штети на површината, уништувајќи ги микро организимите, предизвикувајќи и загуби на азот и други хранливи матери а дел од производителите се одлучуваат да ги заораат жетвените остатоци. Она што го предлагаат постарите а искусно агрономи е оваа слама останата после жетва да се искористи за одгледување компири, метод на производство малку подзаборавен но начин на одгледување кои има низа предности.

-Јас додека бев агроном во скопско Зелениково за овој начин на одгледување на компири прочитав во едно реномирано земјоделско списание и одлучивме да го испробаме на помали површини за да се увериме кои се предностите. Откако видовме дека има бројни предности неколку години по ред произведувавме компири во сено наместо да ораме и да го садиме во земја и на крајот добивавме компири на кои им нема рамни по квалитет и количина а се воедно и мазни како јајце. Потоа овој начин на одгледување го пренесов и на најблиските и до ден денес се благодарни што произведуваат повеќе, поквалитетен компир и што е најважно имаат помалку мака при производството, рече Велјан Филчески агроном од Охрид.

Она што е главна карактеристика за ова производство е што се избегнува орањето на земјата и се избегнуваат агротехничките операции како што се грлење и прашење што одземаат многу време и бараат многу труд. Целата работа околу овој начин на производство на компир започнува со орање и рамнење на нивата. Но потоа наместо да се ставаат компирите во земја ти се редат на површината. Редењето е на истиот начин како кога би биле компирите во земја односно на растојание од 30 сантиметри од корен до корен и 40 сантиметри меѓуредово растојание. Потоа врз така распоредените компири по површината се става слој од 15 сантиметри сува слама преку целата површина која служи како топлотна изолација за да не настрадаат компирите од ниските утрински пролетни температури. Врз слојот од сува слама се реди 10 сантиметри слој на малку гнила слама која е повлажна и погуста која треба да го спречи испарувањето на влагата од почвата. Следна операција која се прави врз оваа влажна слама е да се расфрла околу 200 до 300 килограми на хектар минерално ѓубриво попознато како три петнаески кое треба да биде прихрана за одгледуваните компири. Како последен слој се става уште 15 сантиметри сува слама врз која може да се распредат суви гранки кои треба да помогнат да не го разнесе ветерот поставеното сено врз компирите. Компирите понатаму ќе се пробијат многу лесни низ сламата а ќе си пуштат коренчиња во земјата. Штом ќе излезат на површина единствена работа на која треба да се внимава е да се заштитат од компирова златица, додека целосно се избегнуваат операциите со копањето. Во случај да нема систем за наводнување ваквиот начин овозможува солидни приноси и само од врнежите додека онаму каде има можности за наводнување приносите се далеку поголеми и поквалитетни.

-Според искуството од тогаш како ги одгледувавме компирите ние добивме во просек по 7 килограми на квадратен метар што е двојно повеќе од стандардниот начин на одгледување, додека литературата кажува дека во идеални услови може да даде овој систем на одгледување и до 10 килограми на квадратен метар што се 100 тона од хектар. Секој што сака да го испорба овој модел може многу лесно да огради еден мал простор од неколку квадрати да ги согледа самиот производните резултати и да одлучи дали понатаму би одгледувал на овој начин компир, додаде агрономот во пензија Филчески.

Овој начина одгледување има големи предности и при собирањето на родот. Ако со конвенционалниот начин на производство околу 10% остануваат не прибрани компири во земјата и уште околу 10%  се оштетуваат при процесот на прибирање, овој начин на одгледување нема воопшто такви загуби и процесот на берба на компирите е многу едноставен. Сламата што ќе остане по завршувањето на реколтата може да се користи следната година како втор слој кој треба да е малку гнил, влажен и збиен по останува да се обезбеди слама за дополнување во слоевите каде е потребна сува слама.

З.Б.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close