Одржување на тревникот во есен

(Oвој напис е објавен на: October 18, 2019)

  1. КОСЕЊЕ НА ТРЕВНИКОТ ВО ЕСЕН

Искосете го тревникот на некоја средна висина, веднаш штом ќе ви дозволат временските услови. Важно е тревникот да се коси само кога е целосно сув. После тоа, обавезно соберете го откосот, а доколку косете без корпа, тогаш со обично гребло соберете ја искосената трева. Доколку го оставете откосот на тревникот, ќе се создадат услови за појава на болести на самиот тревник и делумно распаѓање.

 

  1. ПРИХРАНА НА ТРЕВНИКОТ

Една од најважните активности во есенското одржување на тревниците е прихраната со минерално НПК ѓубриво.Оваа постапка во никој случај не смеете да ја прескокнете, бидејќи во зимскиот период потребно е да се влезе со густ, здрав и зелен тревник. Прихраната се врши со минерално ѓубриво НПК кое споро се разложува и со најголем процент на калиум, помала содржина на фосфор и најмал процент на азот. Најдобро е да се врши со наменски ѓубрива за тревници.

Прихраната е многу важна бидејќи на тој начин се обезбедуваат доволно хранливи материи во тревникот во текот на зимата, а особено калиумот, што е неопходно за одржување на тревникот здрава состојба во текот на зимата (поради големата влажност).

  1. ДОСЕЈУВАЊЕ НА ТРЕВА

Есента е идеален период за досејување со тревно семе кај оштетените делови од тревникот. Оштетените делови од тревникот треба да се прекопаат, да се поминат со гребло и на тоа место да се посее тревното семе. Најдобро е да се користи семенска мешавина (тревни смески) од која бил претходно формиран тревникот или да се користи наменска мешавина за досејување. Фрленото семе се покрива со хумусна почва, се поминува со валјак и се залева.

Доколку штетите се поголеми, може да се санира со инсталирање на тревен тепих на оштетените места. И за овој начин на санација на оштетениот тревник, есента е идеален период и постапката за подготовка на теренот е иста како и при досејувањето.

  1. Гриблење НА ТРЕВНИКОТ

Гриблење се врши за да се соберат паднатите лисја, исушената трева и остатоците од искосената трева. Опаднатите лисја што остануваат на тревникот подолг временски период, предизвикуваат гниење на тревникот и е голем проблем за одржување на неговата здрава состојба. Користете го греблото што почесто, за да ги отстранете лисјата.

  1. ХЕМИСКО ТРЕТИРАЊЕ НА ТРЕВНИКОТ

Доколку на тревникот има индикација за појава на мов или други тревни заболувања, неопходно е да се спроведе хемиски третман со препарати што ги запираат тревните болести и појавата на мов. Оваа постапка треба да се препушти на експерти и стручни лица, за да се спречи уште поголемо оштетување на тревникот.

извор: хортикултура.мк