fbpx
ВестиМеханизацијаТоп вести

Одржување на земјоделските машини и подготовка за следната сезона

 

Одржување на земјоделските машини и подготовка за следната сезона

 

Сезоната на жетва и берба на пченката полека завршува, па земјоделските машини треба да се подготват за следната работна сезона – сеидба, а некои да се заштитат до следната година. Пред крајот на сезоната може да откаже хидрауликата, диференцијалите и склоповите кои трпат најголемо оптоварување во текот на работата, така што ремонтот претставува важен дел во одржувањето на земјоделските машини. Колку е важно правилното одржување и чување на машините и колку тоа ни ги намалува потенцијалните трошоци и штети, ќе дознаете во следните редови.

Додека временските услови не дозволат почеток на орањето, овој период треба да се искористи за подготовка и проверка на работата на земјоделската механизација. Сите машини, приклучните или главните во работата, после сезоната треба да се измијат, исчистат и подмачкаат.

После жетвата, потребно е да се заменат филтрите за гориво, да се провери нивото на масло, електроинсталацијата, потоа да се додаде антифриз во ладилникот, со цел во зимските денови да не дојде до замрзнување и пукање на блокот од моторот. Многу е важно во пред сеидбениот период да ја проверите и ако е потребно да ја вградите, потребната светлосна сигнализација, затоа што недоволната осветленост на земјоделските возила на патиштата е честа причина за сообраќајни несреќи.

На машините кои се наменски, како што е комбајнот, после миењето и подмачкувањето, треба да се проверат дефектите доколку истите се воочени во текот на жетвата, сега треба да се санираат. Многу важно е одржувањето на комбајнот во текот на зимата и спречување на евентуални потенцијални незгоди, поставување средства против глодари во зградите и просториите каде е сместен комбајнот, затоа што често глувците и стаорците можат да ги изгризат каишите или инсталацијата на комбајнот, што подоцна може да предизвика и палење кое сигурно не го сакаме.

Тракторот е основна и најважна земјоделска машина која во текот на целата година постојано се користи, а поради тоа бара и грижливо внимание. На тракторот, најнапред треба да му се заменат филтрите за гориво, да се издуваат или заменат воздушните филтри, а потоа и да се провери дали во хидрауликата има доволно масло.

Зимскиот период е идеален за поправка на дизните, прештеловање на главата, проверка на конусно – тањирастиот запчаник, чија поправка бара доста време. Секогаш е добро во нафтата да се турат соодветни адитиви за подмачкување на дизните.

Многу е важно да се проверат грејачите на тракторот, потоа да се вгради термостат доколку е изваден од машината – тракторот е предвиден да работи на константна температура на водата, а термостатот ја регулира температурата на водата која доаѓа од ладилникот во моторот, со цел моторот да не работи нон – стоп на ладен режим на работа.

Што се однесува до одделни приклучни машини кои често се користат во текот на годината, дел од нив бараат малку повеќе внимание.

Додека фрезата е потребно да ја измиете, подмачкате и да ги проверите нејзините составни делови, кај атомизерите и разните тракторски прскалки задолжително треба да турите антифриз. Поради тоа што пумпите, во главно се од алуминиум, неопходен е антифриз за алуминиумските делови.

Многу добри мајстори, препорачуваат комбинација од 5 литри вода и 2 литри антифриз „да се пушти“ низ целиот систем, со цел во текот на зимата да не дојде до замрзнување во пумпата и дизните.

Во полјоделството, а посебно сега пред големото есенско орање, доволен е визуелен преглед на приклучните машини, подмачкување и затегнување на составните делови или менување на оштетените, кај тањирачите пак, треба да се провери дали сите дискови се движат.

Иако голем дел земјоделци, после една година на нива стекнуваат искуство и во поправка на земјоделските машини, за одделни дефекти, потребно е да се консултира регистриран сервис. Исто така, многу земјоделци, немаат навика да ставаат антифриз или можат да заборават да ја испуштат водата од ладилникот, така во текот на ладните денови да дојде до пукање на составните делови на моторот, други пак забораваат повторно да турат вода, па во текот на работата на машините доаѓа до прегревање на истите.

На крајот, многу важен дел во одржувањето и подготовката за следната сезона е местото и условите во кои ги оставаме своите машини. Идеално би било, целата механизација која ја поседуваме да стои во покриен простор – помошни објекти, заштитена од дожд и снег. Целата механизација која содржи лежишта и запчаници, може при влага и вода да се оштети, при што визуелно пропаѓа.

Доколку немаме соодветно место, машините доволно е да ги покриеме со најлони или церади и да ги заштитиме, така што до нивните осетливи делови да не дојде, дожд, снег или други временски промени кои може штетно да влијаат.

З.Б.

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close