fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Оризопроизводители од Кочанско на суд заради минатогодишните протести и блокади

Не се чувствуваме виновни, затоа што протестот беше уредно пријавен во полицијата, ја блокиравме едната страна од патот, а другата беше проодна, велат обвинетите..

Деветмина земјоделци оризопроизводители, кои во октомври минатата година организираа протести и блокади на магистралниот пат Кочани – Штип, денеска дојдоа во Основниот суд во Кочани, по поднесена пријава од полицијата.

Против нив се води прекршочна постапка за нарушување на јавниот ред и мир, затоа што иако пријавиле дека за време на протестите ќе биде затворена за сообраќај само едната коловозна лента, патот бил целосно блокиран.

-Не се чувствуваме виновни, затоа што протестот беше уредно пријавен во полицијата, ја блокиравме едната страна од патот, а другата беше проодна. Во еден момент дојде до застој поради тешки камиони што не можеа да се разминат, а ние потоа добивме пријави за суд дека сме го организирале сето тоа. Сметаме дека се работи за притисок против земјоделците, за да замолчиме и да не ги бараме своите права, истакна Здравко Арсов, земјоделец од Облешево.

Земјоделците нагласија дека на суд дошле без правен застапник, затоа што ниту имале можност да го платат, ниту пак сметаат дека им е потребен за прекршокот за кој се пријавени.

-Немаме адвокат затоа што сами се браниме со чиста совест, а ако мислат дека сме виновни, нека нè затворат. Ако ги нема земјоделците, ќе нема ни кој да произведува храна, ние произведуваме ориз и за судот, и за полицијата и за сите во државата, а срамота е произведеното да не може да се откупува, особено во период кога населението во светот страда за храна. Дали ние сме виновни што произведуваме, или државата што не може да ја откупи и продаде, истакна Сане Јованов, земјоделец од Чешиново.

Оризопроизводителите рекоа дека без разлика како ќе заврши судската постапка, нема да се откажат од своите барања и повторно ќе организираат протести ако има потреба.https://makpress.mk/Home/PostDetails?PostId=478000

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close