вести

Охридската цреша е новиот македонски бренд

Охридската цреша е новиот македонски бренд. Процедурата за заштита на географското потекло на уникатната цреша е во тек, а планирана е и заштитата на називите на „овчи кашкавал Бистра“ и „овчо сирење Бистра“.

Македонија е позната по квалитетната храна, одгледувана на природен начин, во чиста средина, која е ценета насекаде во светот. Заштитувањето на традиционалните продукти, особено на оние кои се произведуваат со стари рецепти, карактеристични за регионите, е неопходно ако сакаме тие да бидат препознатливи и почитувани надвор од земјата.

cresi11

Славонскиот кулен, истарската пршута, крањските колбаси или виното од Тоскана се препознатлив бренд по кој се препознава и државата. Македонија, од своја страна, со природните услови и плодното поднебје има адути и може да заштити десетици различни продукти, по кои во иднина ќе биде препознатлива насекаде.

Охридската цреша ќе застане рамо до рамо со повеќе македонски производи кои веќе се заштитени според потеклото, географската ознака или како гарантиран традиционален специјалитет. Заштитени марки веќе се 18 наши брендови, а меѓу нив се кочанскиот ориз, тетовскиот грав, малешевското сирење, охридскиот чај и македонскиот ајвар.

Сирењата „бел алтан“, „малешевско“, „исарско“, „од Димково трло“, потоа „овчеполскиот мед“ и „кривопаланечкиот мед“, вината „дисана“ „велешко бело“, „којнички теран“, „бузански плавес“, „рамнички бургундец“ и „сопотско шардоне“, како и изворската вода „бадаријан“ се на списокот на заштитени брендови од Македонија.

Од друга страна, пак, слаткото од диви смокви, кое со децении се произведува во валандовско-гевгелискиот регион, буковскиот пипер, собра гравот, охридскиот ѓеврек, симит-погача, виното „станушина“ од автохтона тиквешка сорта грозје, беровскиот оцет од јаболчиња киселици, афионова и к’цана сол, планинскиот чај од Галичица и многу други чекаат да бидат заштитени како брендови и се наоѓаат на листата на светската организација „Слоу фуд“, како производи кои ги има само кај нас или се подготвуваат по оригинален стар рецепт.

ohridskata cresha e noviot makedonski brend

 

Во Министерството за земјоделство велат дека производителите кои ќе решат да го брендираат својот производ ќе добијат финансиска помош.

Во јули минатата година се усвоија измените на Законот за квалитет на земјоделските производи со кои е поедноставена постапката за заштита на квалитетот и усогласување со новата ЕУ-регулатива и се намалија трошоците со што сметаме дека овој процес ќе се интензивира, велат во Министерството.

Во Програмата за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој за годинава се предвидени финансиски средства со кои ќе се финансираат 80 проценти од трошоците за воведување заштитна ознака за квалитет. Тоа се трошоците за изработка на елаборат на производот чие име се заштитува со ознака за квалитет, за анализи, трошоци за контрола и верификација за соодветноста на елаборатот со производот и други.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close