fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Пченицата убаво роди, цената ќе се „пораѓа“ со маки

Земјоделците решени овојпат да не останат со куси ракави. Се очекува да се соберат повеќе од 253.000 тони пченица бидејќи приносите по хектар се повисоки, а површините под оваа култура се зголемени за 4.000 хектари.

Неизвесно е по која цена годинава земјоделците ќе ја продадат пченицата. На 3 недели до жетвата само се почнати преговори за висината на откупната цена меѓу земјоделците, откупните компании, мелниците и министерството за земјоделство. Земјоделците тврдат дека годинава нема да дозволат нивниот труд да биде обезвреднет и бараат да се почитуваат законите за формирање на цената. Тие тврдат дека годинава нема да дозволат да се обезвредни нивниот труд, па ако треба државата да го активира и интервентниот фонд.

Мелничарите, пак, очекуваат цена која ќе биде слична на онаа во регионот и ветуваат дека ќе ја откупат целокупната понудена количина.

Но, факт е дека цената на житото кај нас зависи од цената што ќе ја диктираат берзите на нашите соседни земји, пред сè Србија и Бугарија, па и Хрватска. Така, пред жетвата никој не сака да шпекулира за цената на житото.

Според податоците на Министерството за земјоделство, годинава се очекува да се соберат повеќе од 253.000 тони пченица бидејќи приносите по хектар се повисоки, а површините под оваа култура се зголемени за 4.000 хектари.

Земјоделците се надеваат дека повисоките приноси и квалитет на пченицата ќе го видат и во цената при откупот.

– Годинава имаме добри приноси (4 тони по хектар) и подобар квалитет на пченицата. Зголемени се и површините под оваа култура и очекуваме откупната цена да не биде под производната и додадениот процент за трошоци. Имавме високи трошоци при сеидбата и прихранувањето на пченицата. Житото го сеевме со нафта по цена од 110 денари по литар, имавме скап семенски материјал и ѓубрива по цена од 2.700 денари… Нашите трошоци се повисоки од лани и затоа нема да дозволиме откупната цена да биде под економски оправданата цена – вели Петре Стојкоски, претседател на асоцијацијата на земјоделци.

Стојковски очекува годинава државата да го активира и интервентниот фонд, ако биде формирана цена која нема да ги покрие нивните трошоци.

– Ќе бараме државата да не дозволи цената на пченицата годинава да биде под производната и да се земат предвид трошоците. Притоа ќе треба да се активира и интервентниот фонд кој е формиран за тоа. Потенцирам дека ние нема да дозволиме да се формира цена на наша штета – вели Стојкоски.

Мелничарите и откупувачите велат дека и годинава ќе ја откупат целата понудена количина пченица, ако цената е на ниво или пониска од таа во регионот.

– Цената на берзите последниов месец варира, а состојбата во Украина со поплавите и стопирањето на договорот за извоз дополнително ќе влијае на цената. Тоа значи дека до жетвата, кога ги откупуваме потребните количини пченица, не се знае колкава ќе биде цената. Очекуваме и годинава откупната цена да биде близу до онаа што ќе се утврди во регионот и како и минатите години, заедно со откупните компании да го откупиме сè тоа она што ќе го понудат земјоделците. Се разбира, ако цената е иста или приближна со онаа од регионот, бидејќи нема компанија која би работела со загуби – вели Горан Малишиќ, претседател за Здружението на мелничко пекарската индустрија.

Годишно мелничарите откупуваат по 75.000 тони пченица од домашно производство, а остатокот од потребите го надополнуваат со увоз.

– Годинава ќе има поголеми количини бидејќи за 12 отсто се зголемени површините под пченица. Вообичаено откупуваме меѓу 65.000 до 75.000 тони. Во тие рамки ќе биде и годинашниот откуп. Сепак, потенцирам, сето што ќе биде понудено ќе биде и откупено бидејќи нашите потреби се поголеми од она што се нуди на домашниот пазар – вели Малишиќ.https://plusinfo.mk/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close