Окрупнување на обработливите површини за подобри резултати во аграрот

Неколкугодишните пилот проекти во битолкото село Егри и радовишкото Конче во оперативното воведување на Национална програма за консолидација на земјиштето се покажаа како успешни. Постапка со која се окрупнети околу 400 хектари земјоделско земјиште. Пелагонискиот земјоделец Славе Стефановски вели дека во неговото село веќе течи тратата фаза од планот. Со мали исклучоци земјоделците ја прифаќаат консолидацијата. Вели дека сфатиле дека тоа ќе им донесе поекономично производство, а и полесно ќе се решат и другите проблеми.

„Тоа треба да донесе и подобрување на земјоделската инфраструктура, да имаме подобри локални патишта. Полесно ќе се дојде до наводнувачки системи и одводни канали што е од посебно значење за нашето село, кое е постојано на удар при поголеми врнежи“, вели пелагониски земјоделец Славе Стефановски.

Поради тоа што станува збор за комбинација на повеќе комплексни активности, консолидацијата е подолг процес. Еден од најголемите проблеми при спроведувањето на постапката се нерешените имотно-правни односи, велат експертите.

„Нерешените имотно правни односи се голем проблем на целата територија на земјава. Но, од друга страна консолидацијата е една од движечките сили со кои земјоделците се мотивирааат поцврсто да застанат во решавањето на тие проблеми“, вели експертот на ФАО, Наташа Љубецкиј Анѓелиќ.

На денешната втора работилница најавија дека отпочнуваат постапка за селекција на нови локации каде проектот ќе се спроведува во следните две до три години, а во текот на месецов ќе одржат уште две регионални работилници за струмичкиот регион.

Share Button