Кои се општините со најголем процент на загуби на вода за пиење
Јавните претпријатија низ македонските општини преземаат недоволни мерки и активности за намалување на загубите на вода за пиење, заклучи Државниот завод за ревизија
Јавните претпријатија низ македонските општини преземаат недоволни мерки и активности за намалување на загубите на вода за пиење, заклучи Државниот завод за ревизија во Конечниот извештај за извршена ревизија на следење на препораките во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор на тема „Ефективност на политиките, мерките и активностите при доделувањето на водното право“, со цел да се оцени степенот на спроведување на препораките и соодветноста на преземените мерки.
„Од извршениот увид и анализа на податоците ревизорите констатирале дека вкупно исцрпената/зафатената вода во 2019 година изнесува 229.017.078 метри кубни, од кои 63 отсто не е фактурирана. Во тој контекст, ревизорите утврдија дека јавните претпријатија во следниве општини бележат најголем процент на загуби на вода: Дебар – 84 отсто, Долнени – 82 отсто, Гостивар – 81 отсто, Кичево – 77 отсто, Охрид – 72 отсто, Крушево – 71 отсто и Кочани – 70 отсто“, се вели во објавениот Извештај на ревизорите.
Државните ревизори велат дека недоволните мерки и активности што ги преземаат јавните комунални претпријатија на општините доведуваат до помалку пресметани и искажани приходи на јавните претпријатија, помалку пресметан данок на додадена вредност, помалку пресметан, наплатен и уплатен надоместок за водно право во буџетот на државата и прикажан несоодветен финансиски резултат на јавните претпријатија.
Од 19 зададени препораки на централно ниво, Државниот завод за ревизија утврдил дека само 1 препорака е спроведена, а 2 препораки се делумно спроведени. Истовремено, од 11 препораки дадени на субјектите на локално ниво, само 4 препораки се делумно спроведени.
„Нецелосното постапување по дадените препораки дадени во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор предизвикува помалку уплатени средства во Буџетот на РСМ во износ од најмалку 204.713 илјади денари или изразено во евра од 3,3 милиони евра како неуплатен надоместок за водно право од страна на јавните претпријатија даватели на водните услуги, а кој бил наплатен од крајните корисници (правни и физички лица)“, наведуваат од Државниот завод за ревизија.
Воедно, јавните претпријатија имаат искажани обврски за пресметани, а неуплатени надоместоци за водно право во износ од најмалку 6,9 милиони евра, што претставува потенцијален приход за Буџетот на РСМ.https://meta.mk/drzhavnite-revizori-gi-objavija-opshtinite-so-najgolem-proczent-na-zagubi-na-voda-za-pienje-infografik/