Органската храна без сигурен пласман и откуп
Органската храна е недоволно присутна во македонските маркети. Интересот има и кај производителите и кај трговците, но сеуште постои проблемот со малата понуда, недостасуваат откупни центри и контрола во продажбата.
Покрај тоа што во Македонија се регистрирани повеќе од 500 производители на органска храна, во супермаркетите понудата на домашни органски производи е мала.
Според Организацијата на потрошувачи, трговските ланци покажуваат интерес за пласман на органски производи и има побарувачка особено младата популација. Тие се едуцирани потрошувачи дека органската храна е побезбедна за консумирање и нејзиното производство помалку ја загадува животната средина.
Потрошувачите бараат да се зголеми контролата на пазарот за да се гарантира дека она што се продава како органска храна ги задоволува стандардите и правилата.
Потребна е и поддршка на производителите од страна на трговците или на државата за нивна поголема застапеност во малопродажбата преку промотивни акции и соодветно истакнување на македонскиот знак за органски производи со цел потрошувачите да го препознаат.
Сѐ уште е присутен и проблемот со немањето откупни центри за органска храна и малите произведени количества.