Оризарите од велешко ги чекаат парите за предадениот ориз
Оризопроизводителите од Велешко се’ уште не ги добиле парите за предадениот ориз. Иако минаа три месеци, најголемиот дел од нив не добиле ниту денар за ланскиот род. Парите ги чекаат со нетрпение, бидејќи за повеќето од земјоделците тоа им е единствената егзистенција.
„Оризот го предадовме на приватник од Кочанско, тој откупи најголем дел од родот во Велешко. Но, до денес никој не добил пари. Или ако е исплатено, тоа е мал дел од парите. А, мораме да ги платиме комбајните кои жнееја“, вели жител на селото Лисиче, кој чека пари за предадени 13 тони ориз.
Во селото 40-ина семејства чекаат пари за предадените количества. Оризот минатата есен роди богато во Велешко, а освен во ова село, се одгледува и во Еловец, Чашка, Мелница. На приближно 100 хектари имаше род од близу 600 тони оризова арпа. Некаде имаше и по 8.000 до 9.000 килограми од хектар, што претставува рекорден принос. А, производители се жалат и на откупната цена која според нив била ниска.
„Го продававме по 20 денари за килограм арпа. За споредба, ланската откупна цена беше 25 денари за килограм. Но, и со оваа цена, не ги добивме парите. А, веќе доаѓа време за пролетна сеидба. Треба да се купуваат материјали“, објаснува производител од село Мелница.
Сепак, велешките оризари, при предавањето направиле една крупна грешка, малкумина од нив потпишале договор со откупувачот, повеќе само усно се договориле со него. Тој им најавил дека парите ќе ги добијат за еден месец, но минале три. Сега останува само да го држат за збор, оти на суд не можат да докажат, бидејќи немаат никаков документ, освен ливчето за предаденото количество.
Велешкиот регион по кочанскиот е втор по производство на оваа житна култура во Македонија. „Белото“ злато се врати по полињата во Велешко откако беше изграден хидросистемот „Лисиче“ и беше решен проблемот со континуирано водоснабдување на оризовите површини. Ако жителите од овие села ги чекаат парите од оризот, добрата вест е што втората култура, која тука се одгледува и од која живеат – тутунот, добро родил, има одличен квалитет и добра цена. Се откупува по цена од 160 до 200 денари за килограм и седум дена по предавањето парите веќе биле легнати на сметка на производителите.