fbpx
ВестиТоп вести

Костеновата шума на Шар Планина, полека но сигурно исчезнува

 

 

Шарпланинскиот костен едно од најпрепознатливото дрво на овој масив, полека но сигурно исчезнува. Кората на костенот веќе подолг период боледува од рак предизвикан од таканаречената аскомицетна габа.

Ракот го суши дрвото и се шири на целиот Шарпланински масив. Најпогодени од ваквата состојба се жителите кои живеат на Шарпланинските села, но и населените места во подножјето на оваа планина. Дел од нив кога се бере костенот во есенскиот период буквално егзистираат од овој плод, кој за жал помалку го има поради болеста која ја зафаќа кората на дрвото. Бараат да се заштити костенот, затоа што голем дел од населението од овој крај, егзистенцијата ја гледаат во плодовите кои ги дава планината.

-Кога би се обновила костеновата шума, тогаш сите од овој регион би се занимавале односно би продавале костен и добро би заработувале. И сега има семејства кои берат костени и ги продаваат по добра цена. Има купувачи од Скопје доаѓаат, и мислам дека ги извезуваат костените за Италија, таму многу се бара костенот за правење брашно, слатки и друго. Затоа потребно е костенот да се врати во изобилство на Шар Планина, за да можат луѓето од овој регион од нешто да егзистираат,велат жителите на Шарпланинското село Беловиште.

Од Институтот за одржлив и регионален развој Бела Виста, тврдат дека им начин како да се спречи ширењето на ракот на кората на костенот. Но за тоа треба да преземат акција самите мештани, кои треба да добијат голема подршка од државата.

-Најпрвин треба да се исчистат и остранат стеблата заболени од рак, и потоа да се запали таа површина за целосно да исчезне ракот. И потоа на тие површини да се засадат нови површини со костен. Сите овие чекори треба да ги финансира државата и да се спроведат согласно програмите на институците, во спротивно ќе ја изгубиме костеновата шума која знаеме дека и во минатото но и сега е од исклучителен интерес за мештаните од овој регион , рече Сашо Матовски од Институтот за одржлив и регионален развој Бела Виста.

Тој додава дека освен што костеновата шума е значајна за егзистенцијата на жителите од овој крај кои не поседуваат обработлива земојделска површина и спасот го гледаат само во шумските плодови, таа е многу важна и за спречување на ерозивните процеси на Шара, кои во последно време се се почеста појава.

-Широките стебла и корени на коренот, многу помагаат во спречување на свлечишта на земја, тоа науката го докажала не јас. Освен ракот на кората на костенот, причина за намалување на костеновите стебла на Шар Планина е и неговата сеча за огрев и мебел од страна на дрвокрадци. Да не беше неплански иссечена костеновата шума, немаше да се случи она лизгање на земјиштето во Шипковица пред неколку години, кога имаше загинато и неколку лица. Костенот сигурно би ги спречил ерозивните процеси кои беа предизвикани од поројните дождови. Исто така да не заборавиме дека во костеновите шуми живеат голем број на цицачи и разновидни птици што значи дека ова благородно дрво е буквално дом и на животинскиот свет на овој предел, рече Сашо Матовски од институтот Бела Виста.

 

Тоа што останува од костенот наместо во рацете на сопственците завршува кај крадците.

 

Повеќе од една деценија крадци слободно влегуваат во костеновата шума во приватна сопственост и го крадат костеновиот плод. Ваквата дрскост и храброст како што велат сопствениците, е поради тоа што голем дел од селата на Шара и во нејзиното подножје се помалку населени.

-Многу се краде костенот. Доаѓаат од други села цели семејства и влегуваат во приватни имоти и го берат. Им велиме што правите, тие ни одговараат дека ова е државно земјиште и продолжуваат да крадат. Полнат цели вреќи, а за нас останува да наполниме само неколку торби. Се јавуваме во полиција, но нивни екипи дури да дојдат треба да поминат неколку дена, и костенот ќе го нема дотогаш. За ваквата појава не се презема ништо, никој не се казнува. Тоа е исто како некој да ти влезе во нива и да ти го собере целиот плод и никој да не одговара, рече еден жител на Варвара кој поседува поголема површина на костенова шума.

За промоција на вредностите на костенот и негова превенција од болеста која ја предизвиуква ракот, но и заштита од честите кражби, во тетовското село Беловиште во месец ноември традиционално секоја година се одржува Шарпланинска костенијада.

На манифестација се презентираат и дегустираат производи, чија главна состојка е костеновиот плод.

 

Зоран Димовски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close