fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Оризопроизводителите го блокираа магистралниот пат А3, бараат средба со министерот за земјоделство

Денес имаме нова ситуација во оризопроизводството – зголемени цени за репроматеријалите, а откупната цена на арпата е непроменета, па дури и се намалува.

Производителите на ориз од кочанскиот регион денеска со земјоделска механизација ја блокираа едната коловозна лента на магистралниот пат А3 во селото Облешево, изразувајќи незадоволство од ниските откупни цени на арпата и белиот ориз, како и од драстично зголемените трошоци за ѓубрива, заштитни препарати и други давачки.

На протестот нагласија дека веќе трет пат за половина година излегуваат на улица со своите барања и очекуваат средба со министерот за земјоделство, за да укажат на безизлезната состојба во која се наоѓаат. Се заканија со радикализирање на протестот, односно со проширување на блокадата.

-Денес имаме нова ситуација во оризопроизводството – зголемени цени за репроматеријалите, а откупната цена на арпата е непроменета, па дури и се намалува. Бараме со финансиската поддршка од три денари за килограм арпа, обезбедена од КОВИД мерките, да бидат опфатени сите  оризопроизводители, наместо само некои, а рокот да биде продолжен до септември оваа година. Останатите субвенции да бидат исплатени до крајот на февруари и да се зголеми поддршката за „зелена нафта“. Исто така, бараме да се реорганизира акционерското друштво за водостопанство, односно да се врати како порано, на ниво на општина и водни заедници, кога самите земјоделци можеа да се организираат околу наводнувањето на површините. Ако не се сретнеме со министерот или со премиерот, ќе ги блокираме и двете коловозни ленти на магистралниот пат, истакна Тони Максимов, земјоделец од Облешево.

Земјоделците се пожалија дека сè уште не се исплатени субвенциите за минатата година, а поддршката со ковид мерките ја добиле само 15 отсто од оние кои успеале да ја продадат арпата.

 

-Бараме минималната откупна цена на арпата да биде 40 денари за килограм, што е економски оправдана и логична, иако и со неа нема да живееме, туку ќе преживуваме. Не бараме ништо повеќе од тоа што го работиме да ни биде платено, да можеме да ги покриваме сите наши потреби. Минатата година една вреќа вештачко ѓубриво чинеше 650 денари, а сега е 1.650 денари, се прашувам како ние со вакви трошоци да излеземе на крај. Ќе чекаме од министерството или Владата некој да дојде, за да не бидеме принудени целосно да го блокираме патот, истакна Здравко Арсов, земјоделец од Облешево.

Поддршка на оризопроизводителите им даде и здружението “Тиквешки лозар“ од Кавадарци, како и тутунарите од регионот, чии претставници присуствуваат на денешниот протест во Облешево.

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close