fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Оризот ќе исчезне од Кочанското Поле, земјоделците мора да го продаваат за крајно ниски цени

Има атари во Кочанско чии оризопроизводители не само што не ја завршиле жетвата, туку и се откажуваат од натамошно прибирање на родот за да немаат дополнителни трошоци за комбајните, наспроти крајно ниските цени од 15 денари што ги добиваат за арпата (нелупен ориз) од откупувачите.

Оризопроизводителите во Кочанско ја имаат најдолгата жетва досега, трае веќе два месеца, иако земјоделците се жалат дека неповолното време придонело жетвата да биде неколку пати прекинувана. Влажноста не дозволува комбајните да влезат во нивите и да извршат квалитетна жетва поради полегнатите кластови.Има атари во Кочанско чии оризопроизводители не само што не ја завршиле жетвата, туку и се откажуваат од натамошно прибирање на родот за да немаат дополнителни трошоци за комбајните, наспроти крајно ниските цени од 15 денари што ги добиваат за арпата (нелупен ориз) од откупувачите.

 

„Влегуваме само во трошоци. Зошто да даваме пари за комбајните од 10.000 денари за хектар кога родот веќе е уништен. А и тој што досега е собран е неисплатлив затоа што го откупуваат за џабе“,  вели оризопроизводител Станојко Манојлов, кој веќе е со намера да се откаже од оризовата култура.

Разочаран од состојбите и односот кон земјоделецот е и еден од најагилните преставници на кочанските оризопроизводители, Здравко Арсов од Облешево, кој воопшто не е оптимист за посветла иднина на оризовата култура, туку напротив предвидува дека оризот ќе биде избришан како култура која повеќе ќе ја нема во Кочанското Поле.

„Ќе го произведуваат само фабрикантите кои ја преработуваат арпата и како по договор диктираат ниски цени и ни го откупуваат по 15 или 16 денари за килограм како да е неквалитетен, а својот ориз што го имаат на стотици хектари го третираат како прва класа и по висока цена го извезуваат во Србија, Косово и поранешните Ју-републики. Досегашните разговори што ги водевме со власта не вродија со плод. Тоа беа само муабети со ветувања дека ќе се реши проблемот, дека ќе се реши и откупната цена, ќе се даваат субвенции, зелена нафта и се остана на тоа, ќе, ќе и толку. Се врши селективност на дополнителните субвенции од 3,5 денаи за предаден килограм арпа. Најмногу добиваат откупувачите и тоа по 2 денара за секој извезен килограм бел ориз, а токму тие се главните извозници“, вели Арсов.

Според него, од досегашните разговори што ги имале со преставници на Владата, немало обврзувачки документ, записник од договореното, па излегува дека разговорите останаа само ветувања. Сега, по оставката на министерот за земјоделство и со она што се случува со најновите настани во државата, тие повеќе и нема со кого да се разговараат.

„Голем број земјоделци во чии амбари има сѐ уште ланска реколта, сега се надополнуваат со новата оризова арпа со надеж дека ќе се оствари некоја поволна откупна цена. Но, тешко е до тоа да дојде затоа што откупувачите знаат дека оризопрозиводителите заради измирување на комуналните и другите обврски за струја, вода и целосно заради егзистенција на семејствата ќе бидат принудени да ја даваат арпата по понудените откупни цени. Тоа е случај и со мене“, вели Арсов.

Во Кочанско оризот е застапен на 4.200-4.500 хектари, но голем број производители најавуваат дека се откажуваат од оризопроизводството кое станува недоходовна гранка. Годинашниов род се цени најмногу на 22 илјади тони оризова арпа до 16.000 тони бел ориз, од кои околу 60 проценти ќе биде наменет за извоз, а речиси 7.000 тони за потребите на домашниот пазар.https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/orizot-ke-ischezne-od-kochanskoto-pole-zemjodeltsite-mora-da-go-prodavaat-za-krajno-niski-tseni/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close