вестиТоп вести

Ако работиш  ќе имаш, ако не, никој нема да ти донесе

Пелагонија  – Женско претприемништво

На овие високи температури на нивит се пече житото, а во фурните лебот. Каде е пожешко и каде е полесно, како се снаоѓа Силвана Радевска од с. Оптичари битолско?

Во денешно време да се води еден бизнис не е воопшто лесно. Дотолку повеќе ако бизнисот го води една жена. Дали е тоа традицијата на овие простори или пак е втемелено во нивната природа,  жената со својата упорност и борбеност се’ повеќе ја сретнуваме  и во улога на претприемач. Понекогаш да ги задоволи своите  кариерни амбиции и да докаже дека може да биде исто толку успешна (некогаш можеби и повеќе) како и мажите, но најчесто да даде свој придонес во зголемување на семејниот буџет и подобрување на условите за  живот  на своето семејство.

Силвана Радевска од с. Оптичари битолско е од оние жени што запловила во претпримачките води заради  егзистенција и достоен живот за себе и своето семејство. Подеднакво е вклучена во работата на нива, како и во пекарата „Ане Аце“ трејд. Секако не и бегаат ниту обврските по дома. Член е во Зелена берза неколку години. Ја посетивме на нејзиното работно место. Се ширеше миризба на пресно печен леб. Ја запрашавме што е потешко на нива или во пекарата?

Со насмевка на лицето одговара дека е подеднакво тешко и на нива и  в пекара. „Жешко, тешко е, и таму и ваму, ама ако не работиме нема пари. Со работа  одвај имаме, а не без работа. Борба за живот, мораме. Денот ми почнува рано наутро,кај 4 часот и одам во пекарата. Додека ги завршам обврските таму ме наоѓа 14 часот. Одам дома, малку каснувам и продолжувам на нива. Посебно летно време има многу работа. Дома се враќам на вечер, и така секој ден“, објаснува Силвана . Во овој бизнис сум веќе 15 години. На почетокот беше потешко дури да го земеме редот, бидејќи се работи со тесто, оти ако не го сработиш навреме, нема да чини ќе го фрлиш“, додава таа.

Силвана заедно со своето семејство обработуваат 20 погони земја, најчесто пченка и пченица. Одгледуваат нешто и градинарски култури, за домашна потреба. Пченката во зрно ја продаваат, а пченицата ја користат за потребите во пекарата. Оваа сезона задоволни се од приносите. Имаат 6 т пченица , но не се доволни за потребите во фурната и мораат да набавуваат дополнителна количина на брашно. Почетоците биле многу тешки, но не е многу полесно и сега .

„Не можеме да се потпреме на количините брашно што ги произведуваме и не можеме да ги зголемиме површините со пченица, бидејќи е ризик и никогаш не се знае цената. Некогаш повеќе се исплати да купиш брашно отколку да го произведеш“, посочува Радевска.

Во пекарата се работи на традиционален начин и рачно, освен месењето на тестото кое го прават машински со миксер. Леб и разни бели печива како: гевреци, сусамки, переци и сл. се дел од асортиманот на пекарата. Силвана вели дека има голема конкуренција но успеваат на крај да излезат со квалитетот што им го нудат на потрошувачите. Она што ги прави поразлични од другите е печењето на производите во фурна на дрва.

„Секој ден купувам леб и кифли од оваа пекара. Задоволна сум од квалитетот и цената. Чисто е вкусно и внуците ми велат да не ја менувам фурната“, вели една средовечна битолчанка која дојде на шалтер да купи леб и кифли за дома.

Силвана вели дека се обидуваат да ги следат сите новини во оваа сфера и да ги задоволат не само стандардите што им ги налага законот туку и да ги задоволат потребите на своите муштерии.

„Работиме многу, а откако ќе ги одбиеме трошоците , останува минимална заработка. Летно време има повеќе работа. Имаме 3 вработени, и кога има многу работа , а не може да се стигне сегде, се вклучуваме сите од семејството, дури и децата“, вели Силвана.

На прашањето дали некој од децата би го наследил овој бизнис, Силвана одговори несигурно со , „само ако е поплатено“. И покрај сите тежини што ги носи самиот бизнис, Силвана сака во иднина да се прошират во сопствен објект. Сака да оди напред и ако има можност да се едуцира , за да може да постигне поголеми резултати. За жената има секогаш работа, но убаво е кога ќе се заработи повеќе. Работата со дрва има дополнителна обврска околу нивната набавка, па средување, а самото палење на фурната е посебна умешност. Внимаваат  дрвата да се потенки и да не им прават проблеми на комшиите.

„Ако не работиш нема да имаш, нема што друго да правиме  освен да  се бориме, никој нема да ти донесе ако не работиш“ ни рече на заминување Силвана Радевска .

Павлина Јовановска

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close