fbpx
ВестиВкусот на традицијатаМакедонијаТоп вести

Оризовата арпа стои по амбарите и чека да се нормализира откупот

Зголемувањето на субвенциите за по 700 денари од декар не го решава проблемот кој го имаат годинава кочанските оризопроизводители.

Тешка производна година зад себе имаат кочанските оризопроизводители која никако да заврши и да го продадат родот. Според проценките по амбарите, гаражите и импровизираните чувалишта стои најмалку 70% од родот на оризот годинава. Откупот никако да се нормализира и да тргне. Заинтересираноста од неколкуте откупни компании е слаба и ориз се зема само ако е на почек и по ниска откупна цена сметаат земјоделците кои се загрижени како ќе се преброди оваа тешка година. Корона кризата само дополнително ги  усложни проблемите кои веќе секоја година натежнуваат на грбот на производителите на храна. Иако светот се бори за доволна снабденост и цените на италијанската берза како една од нај претставителните во Европа се зголемени речиси двојно а кај нас откупните цени се во постојан пад. Ако до пред неколку години берзанската цена за тон бел ориз се движеше од 600 до 700 евра последните показатели се дека таа е сега достигната до 1300 евра за тон бел ориз. Но оваа прогресија никако да се рефлектира на цените во земјава каде со години земјоделците бараат цена на арпата до 25 денари а секоја година добиваат пониска од 20 а годинава заради тактизирањето околу откупот се движи од 17 до 18 денари. За да се смират неколку протести и најавите за радикализирања со блокади на патиштата земјоделците од власта по преговорите добија бројни ветувања и зголемување на субвенцијата од 18 илјади денари за хектар на 25 илјади денари за сите оние кои имаат до 5 хектари површина додека зголемување од 30 илјади како што бараа тие добија поголемите земјопоседници со површини од 5 до 50 хектари.

-Мора да се знае дека 90% од земјоделците кои произведуваат ориз спаѓаат во групата што е до 5 хектари каде субвенциите се зголемуваат за 7 илјади денари по хектар или по 700 денари од декар. Ова не она што ние го баравме и предлагавме на преговорите и затоа ова минимално зголемување на субвенциите воопшто не значи дека е решен проблемот. Ние како една од мерките за решавање на проблемите предложивме субвенциите да се зголемат на 30 илјади денари односно да се укине обврската за повисоки субвенции за употребата на семенскиот материјал кој земјоделците немаат како и да го најдат. Секоја година стоеше како ставка поголеми субвенции за ориз да имаат оние кои ќе употребат семенски материјал а нашиот институт за ориз со години не произведува а за да се увезе од странство не може секој поединечно а треба и да се порача една година однапред кај производителите, што е преголем проблем. Очекуваме по празниците како што ни вети министерот да одржиме една средба за да се најде решение за проблемот со откупот на оризот рече Ставре Јанев од самостојниот синдикат на земјоделците.

Производителите се зачудени и од логиката при распределбата на субвенциите поголема сума односно 30 илјади денари да им се дадат на оние кои имаат поголеми површини кога во сите скалести модели на субвенции кои се воведуваат парите се намалуваат во однос на површините кои ги обработуваат субвенциите. Според нив и тука се работи за силни лоби групи токму од оние кои откупуваат ориз а кои претежно имаат и големи површини под ориз.

Тие површини ги користат и за да имаат сопствен ориз и количини за извоз а во исто време да може да се тактизира со откупот на оризот од земјоделците. Токму со повисоките субвенции се увиде дека земјоделците немаат свои претставници кои ќе се борат и ќе ги образлагаат со аргументи барањата во овој случај на ориз  производителите. Проблемите во ориз производството започнаа уште со сеидбата кога тие укажуваа дека многу доцна се пушти водата за наводнување што резултира секогаш со доцна жетва и намален квалитет. Како и на секоја култура така и на оризот му се потребни одреден број на вегетациски денови за да ги помине сите фази од развојот и за стаса за жетва. Годинава заради доцнењето на чистењето на каналите водата до нивите стаса подоцна за околу 20 а некаде и за 30 дена за колку што се оддолжи периодот на стартот на жетвата а земјоделците во страв да не имаат проблеми со временските услови често жнееја и недозреан ориз кој пак при белењето на арпата дава помал процент на бел ориз како финален производ. Покрај лошиот откуп и ниските цени климатските промени и сушата и натаму ги загрижуваат оризопроизводителите. Недостигот од врнежи и празната акумулација стравуваат дека може да донесе рестрикции на сеидбениот план нешто што се случува веќе изминативе години па иако имаат идеални услови за производство на нај квалитетен ориз да бидат ограничени површините заради недостигот од вода и да мора да сеат некоја помалку доходовна култура на површините. Тие се надеваат дека со кроењето на петит пакет антикризни  мерки ќе се предвиди и помош за оние земјоделци кои имаат ниски примања, за оние кои имаат камати на заостанати долгови и репрограмирање на обврските или ќе се предвидат одлуки за ослободување на плаќањето на концесии за државната земја  и прогресивното оданочување на земјоделците кои и во време на криза произведуваат храна.

Тим на Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close