Основна обработка на почвата
Основна обработка на почвата се врши со цел да се припреми ораничниот слој за културата која ќе се одгледува на дадената површина. Со основната обработка почвата се ситни, се дроби, почвата се разровкува, се продлабочува ораничниот слој, се создаваат поволни услови за пристап на воздух, вода, топлина, хранливи материи и др. Се врши заорување на растетилните остатоци со цел истите побрзо да се разложат и како еден вид органска материја да ја збогатат почвата. Со основната обработка исто така се врши и заорување на органските и минералните ѓубрива кои во овој период се внесуваат во ораничниот слој, се со цел да се раложат на хранливи материи кои ќе бидат достапни за културите кои ќе се засеат и ќе овозможат нивни понатамошен нормален развој и развиток. Со основната обработка се уништуваат добар дел од плевелите и се спречува прекумерно губење на влагата од почвата. Со оваа обработка се враќаат и подобруваат добрите особини кои почвата ги изгубила со претходниот посев, се подобруваат физичките својства и биолошките процеси.
Најчест начин на основна обработка на почвата е орањето и во овој период е таканаречено летно орање. Летното орање се изведува во период јуни-септември. Може по прибирањето на претходната култура да се изврши заорување на стрништето, а потоа да се примени орањето. Во друг случај орање може да се изврши веднаш по жетвата. Во овој период треба да се внимава орање а исто така и заорување на стрниште да не се извршуваат ако почвата е многу сува и збиена, зашто орањето нема да го даде потребниот ефект. Ќе се создадат големи грутки и тоа доведува до нарушување на структурата на почвата. На многу сува почва за да се изврши орање добро е да чека појава на врнежи од дожд. Најдобро е орањето да се изведува при умерена содржина на влажност. При тоа влечниот отпор е најмал, пластовите лесно се мешаат и се дробат на помали грутки. Орање на почвата веднаш по жетва без да се примени заорување, дозволено е да се примени кај почви на кои има доволно влага. Орањето треба да се изврши на длабочина од 20-25 см, ова е длабочина која одговара за есенските култури кои треба да се засеат. За период кој следи средина на септември се препорачува да се започне со есенското орање. Ова орање се однесува на култури кои ќе се засеат во пролет. Целта на ова орање е почвата да ја прими и сочува зимската влага за потоа во текот на пролетта полесно да се изврши предсеидбената обработка на површината. Есенската обработка- орање на почвата треба да се изврши пред есенските обилни дождови за да не се дозволи создавање на водолежи. Длабочината на орањето треба да биде 20-25 см, за окопни, некои фуражни култури, луцерка, компир длабочината пожелно е да биде 25-30 см. Ако на некои површини повеќе години се одгледува пченка тогаш длабочината на орањето треба да биде 30-35 см.