fbpx
ВестиТоп вести

МЗШВ: Новите концесии гарантираат заштита на рибите во риболовните води

Владата на Република Македонија на вчерашната седница донесе одлуки за започнување на постапки за доделување на рибите по пат на концесија за повеќе риболовни води. Со доделувањето на концесиите на рибите од риболовните води се овозможува користење на рибите преку одржлив развој за стопански, рекреативен и спортски риболов, односно вршење стопански риболов.

Започнатите постапки за доделување концесии на рибите за организирање рекреативен риболов се однесуваат на рекреативните зони на Охридското и Дојранското езеро, риболовните ревири Црна Река 1 –Демир Хисарски, Црн Дрим 2, Злетовска Река, Треска 1 – Кичевски и Акумулација Матка, а за вршење стопански риболов на риболовните подрачја Охридско и Дојранско езеро.

Стопанисувањето со рибите е детално уредено во Риболовните основи за одделните риболовни води кои претставуваат стручни судии за начинот на стопанисување со рибите и гарантираат одржливо користење и заштита на рибите.

Риболовната основа за риболовнта вода Охридско Езеро во почетокот на 2018 година е изменета во правец на целосна заштита и одржливо користење на рибите во езерото. Конкретно, направени се измени во делот на утврдување на периодот на мрест и времето во кое е дозволен риболовот и детално се уредени специфичните локации на мрест на рибите, особено за охридската пастрмка, охридската белвица и крапот. Исто така, заради одржување на популацијата намалени се количините на дозволен улов на видот охридска белвица. Направени се измени кои ги задоволуваат потребите на рекреативните риболовци, а со тоа и развојот на риболовниот туризам. Значајно е тоа што во оваа постапка за доделување концесија на рибите од риболовната вода Охридско Езеро се доделуваат на користење според овие измени.

Рибите од риболовните ревири и рекреативните зони за организирање рекреативен риболов, како и за вршење стопански риболов се доделуваат на концесија за период од шест години, по пат на јавен повик согласно Законот за рибарство и аквакултура и Законот за концесии и јавно приватно партнерство.

 


 

a1on

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close