Откупот на грозјето – лозарите повторно оставени во неизвесност
Националната земјоделска мрежа чии претседател е Ѓорги Каракашев со став околу откупот на грозјето.
Националната земјоделска мрежа чии претседател е Ѓорги Каракашев со став околу откупот на грозјето.
Во моментот се откупуваат раните сорти грозје. Шардоне се откупува по цена од 29,5 денари, ризлингот по 29,5 денари, а темјаниката по 35,5 денари за килограм. Се очекува бербата на овие сорти да заврши до овој понеделник.
Меѓутоа, најголемиот проблем оваа година не е само откупната цена, од која лозарите не се задоволни. Многу поголем проблем е што лозарите немаат договори за продажба на грозјето од сортите вранец и кратошија.
Ако минатата година околу 30% од вранецот остана необран по лозовите насади, оваа година постои реална опасност повеќе од половина од оваа сорта да остане по нивите, доколку навреме не се најде решение за откупот и пласманот.
Проблеми имаат и лозарите кои произведуваат трпезни сорти грозје. И тие не се задоволни од досегашниот тек на бербата. Лош старт имаше и со сортите кардинал и викторија, чија цена во моментот се движи меѓу 25 и 30 денари за килограм.
Дополнителен проблем за лозарите е и пријавувањето и условите за субвенциите. Лозарите се известуваат дека, доколку не предадат 30% од производството во домашни винарии, може да останат без субвенции. Но, како да го исполнат тој услов кога голем дел од лозарите немаат склучено никакви договори со винариите?
Од друга страна, винариите не склучуваат договори со лозарите и, според информациите од производителите, се остава простор за тактизирање со државата, додека лозарите остануваат во неизвесност.
Затоа се поставува прашањето: Кој ќе го реши овој проблем и кога?
Во моментов нема конкретна информација од Министерството за земјоделство дека ќе излезе на терен, ќе разговара со лозарите и винариите и ќе понуди решение за проблемот со откупот, договорите и условите за субвенционирање.
Лозарите не бараат привилегии. Бараат сигурен пласман, фер цена и јасни правила.
Не може лозарот цела година да вложува во производство, да се грижи за лозјето и на крајот да не знае дали ќе има каде да го продаде грозјето. А уште помалку може да биде казнет со губење на субвенцијата затоа што не успеал да исполни услов за кој не му е овозможено да склучи договор со винарија.
Потребно е Министерството за земјоделство итно да излезе на терен, да ги повика лозарите и винариите на заедничка маса и да се најде решение пред да започне главниот бран на бербата.
Ако навреме не се преземат мерки, ризикуваме и оваа година голем дел од грозјето да остане необранo по лозјата. А кога еднаш ќе се напуштат лозјата, последиците нема да бидат само за лозарите – ќе бидат за целото македонско земјоделство.




