Овоштарството главен извор на егзистенција во Пијанец
Згаснувањето на фирмите во државна сопственост пред дваесетина и повеќе години натера дел од луѓето што тогаш останаа без работа да ѝ се вратат на природата и да се занимаваат со земјоделство.
Згаснувањето на фирмите во државна сопственост пред дваесетина и повеќе години натера дел од луѓето што тогаш останаа без работа да ѝ се вратат на природата и да се занимаваат со земјоделство. Барајќи чаре како да се преживее во тоа време и како децата да се исправат на прав пат, делчевецот Љупчо Атанасовски спасот го наоѓа во овоштарството и одгледувањето јаболка. Основните работи за одгледувањето јаболка ги научил за време на бербите во ресенскиот регион, по што решил на својот имот во близина на река Брегалница да засади јаболка.
– Во моментов се наоѓаме на местото Долни Бавчи, тука се наоѓа насадот на круши, сливи, пченица и најголем дел насад со јаболка. Пред затворањето на тогашното претпријатие „Кожара”, каде работев долги години, отидов во Ресен на берба на јаболка, да поработам и идејата ми е оттаму. Таму живееше мојата покојна братучетка, каде престојував за време на бербата и гледав како оди целата работа со јаболката, по што си реков дека ќе садам јаболка во Делчево. Овде, каде што сме сега, немам голема површина, ова е густ насад со 160 јаболкници кои ги наводнувам преку систем „капка по капка”. Со текот на времето изградив магацин, набавив амбалажа и така почна приказната, раскажува Атанасовски.
На почеток Атанасовски започнал со сортата „златен делишес”, но поради несоодветното поднебје подоцна ја прекалемува и се одлучува на сортата „ајдаред”.
– Повеќе одам на „ајдаред”, имав и „златен делишес”, но увидов дека нашето поднебје не е за „златен делишес” бидејки останува „флека” на јаболката. Бидејќи имав повеќе такви јаболкници од „златен делишес” тие се прекалемени на „ајдаред”, бидејќи е најиздржлив и најдоходовен. Што се однесува до нашето производство, нашата јаболка е со одличен квалитет, бидејки не е „прскана”, додека таа ресенската е третирана со пестициди и до 20 пати. На изглед е мазна и убава, ама пестицидите си стојат во неа. Но, нашиот народ тоа не го гледа, кога купува од прекупци, гледа да е мазна, да изгледа убаво. За ова ќе ви кажам еден пример, кога бев во Ресен не можев да видам една птица во атмосферата да прелета, мравка не видов во местото каде вршевме берба. Тоа кажува дека премногу е третирана јаболката со пестициди, таму магацините се полни. Четворица луѓе по 10 тони берба правевме за минимални пари, објаснува Атанасовски.
Од споменатите 160 јаболкници, делчевскиот овоштар произведува околу 100 тони јаболка. Годинава поради пандемијата има резерва од околу 60 тони, кои, како што додава „мака мачи” да ги продаде.
– Моментално за пласман е тешко. Порано имаше Бугари кои секоја сабота доаѓаа на пазар во Делчево, имаше народ, а сега и самите знаете на пазарот каква е работата, поради короната народот е затворен не излегува. Минимум 6 тони имам на залиха. Се продава по нешто, не е дека не се продава, но работата е што многу тешко оди јаболката, а како овошје е расиплива, не може да чека. Ако се чека да стане потополо, јаболката почнува да „калира” и да се расипува. Житото, на пример, може една – две години да го чуваш, а јаболката не. Добро е што времето сега е ладно, уште има услови да се чува, инаку бргу ќе скапе, посочува Атанасовски.
Ако еден овоштар успее да обезбеди пласман за својот производ, според Атанасовски во комбинација со производство и на други овоштарски и земјоделски култури егизстенцијата на едно семејство ќе биде загарантирана.
– Јас со овоштарство и земјоделство ги школував моите деца. Добри 10 години сум издржувал двајца студенти, тешка работа е, ама со многу труд се успева. Сепак, работата е што не можеш само да се одлучиш на јаболка. Сум садел и компир, и пченка, и пчечница по 5-6 декари. Ако „крахираш” од една страна, ќе се покриеш од друга страна. Знаеме дека земјоделството е на отворено, нестабилно е, може јаболката оваа година нема да ја биде, во тој случај мораш да се одлучиш на друг производ, дали компир или пченица, со еден збор да имаш повеќе видови производи, дециден е производителот од Делчево.
Атанасовски планира да посади уште половина хектар јаболка, но, како што вели, сè ќе зависи од пандемијата и враќањето на купувачите од Бугарија. Ваквата состојба, како што додава, никому не му оди во прилог, бидејќи младите одамна избегале и нема кој да работи.
– Имав планови да садам уште јаболка, уште половина хектар имам површина прва класа земјиште, но засега нема зошто да се сади, а способен сум да произведам над 100 тони јаболка, но во моментот нема каде да се пласира. Ако се отвори пазар, да има народ, да се движи, да купува, да пазарува тогаш би можел, иако мислам дека е тешко. Децата ни избегаа, кој како заврши факултет не се враќа, што кај нас постарите предизвикува разочарување. Немаш потреба да се залагаш, еве пример се моите деца кои не сакаат да чујат за овде. Сум градел куќа дома, сум градел и овде објект, мислев да останат тука, да се радуваш на нешто, но децата, за жал, не можат да замислат да останат овде во Делчево. Поради ова, моја порака е кога завршат факултет, од факултетот веднаш да им најдат работа за да не одат во странство оти ако еднаш отидат, нема шанса да се вратат назад. Сум мислел моите деца да ги запрам, да останат тука, но голема грешка бев и затоа ги оставив сами да одлучат, додава Атанасовски.
На крај од разговорот, Атанасовски со гордост се потсети на времето додека работел во тогашната „Кожара”. Време, за кое метафорично вели дека било време кога Господ одел по земјата.
За пласманот на јаболката додаде дека ќе се мачи до јуни со продажба на пазарот во Делчево, каде најчесто ја пласира својата јаболка.
Делчево, 1 март 2021 (МИА)