Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести
Паметно кон паметно земјоделство и храна
Дотогаш земјоделско-прехранбениот сектор ќе треба да обезбеди 50% повеќе храна за да може да се задоволи зголемената побарувачка.
Производството на храна игра витална улога во глобалната економија. Земјоделството е клучниот сектор за обезбедување храна за потребите на населението и служи во функција на општ развој и стабилност на земјите. Населението расте со значителна брзина и се предвидува дека ќе достигне речиси 10 милијарди луѓе во 2050 година.
Дотогаш земјоделско-прехранбениот сектор ќе треба да обезбеди 50% повеќе храна за да може да се задоволи зголемената побарувачка. Земјоделството и обезбедувањето на храната во 21 век се соочуваат со многу нови предизвици, како состојбата предизвикана од пандемијата на ковид-19 и тековната глобална криза како резултат на војната во Украина. Сè поприсутни се и ефектите од климатските промени, кои влијаат врз обезбеденоста со храна и искористувањето на природните ресурси. Секторот придонесува за околу една четвртина од емисиите на стакленички гасови. Една третина од светската храна се губи од производител до потрошувач…
Земјоделско-прехранбениот сектор е еден од најзначајните во нашата земја, кој придонесува до 10% во националната бруто-додадена вредност во примарното производство, или околу 15% заедно со прехранбената индустрија. Нашата земја има долга и добро воспоставена традиција на производство на широк асортиман на земјоделско-прехранбени производи, со голем извозен потенцијал.
Земјоделството денес е брзо, глобално, разновидно, се потпира на важни научни откритија и сè повеќе реагира на потребите и грижата на потрошувачите за потеклото на храната, етичките принципи и здравствените аспекти.
Проф. д-р Александра Мартиновска Стојческа
И покрај сето ова, за жал, секторот сè уште не успева да привлече голем дел од младите луѓе. Во нашата земја годишно дипломираат околу 150 студенти во областите на земјоделските науки и храна (или само околу 2-3% од вкупниот број дипломирани студенти), а бројките и на запишани и на дипломирани студенти значително се намалуваат од година на година. Наспроти ова, потребите за млади и едуцирани генерации, кои со своето знаење и вештини ќе го водат секторот и ќе воведуваат новитети, се сè поголеми.
Новите трендови се движат од органски и регенеративни земјоделски практики, фокусирани на реплицирање на природните процеси, преку прецизно земјоделство управувано од технологијата, сè до новонастанатиот тренд на користење локални инпути во системите за циркуларно земјоделство.
Сè поголема присутност имаат и алтернативните земјоделски системи, новите иновативни практики и техники за производство и преработка на храна (на пр., напредно градинарство во стакленици, симбиотски земјоделски системи како аквапоника, хидропоника, агроеколошки практики, вертикално земјоделство, алтернативни и синтетички протеински производи итн.). Од скоро, подемот на дигиталното земјоделство ја поттикнува потребата за употреба на ИКТ-технологијата и податоци за донесување одлуки по должината на целиот синџир од фарма до потрошувач. На земјоделските производители и другите учесници во секторот сè повеќе им се потребни податоци, како за анализи на претходното работење така и во реално време и простор, за подобро да планираат и да го оптимизираат производството. Дигиталната и зелената трансформација се одвиваат со примена на прецизно земјоделство, со користење интернет на нештата (за поедноставување и рационализирање на производните процеси, инспекцијата и дистрибуцијата), беспилотни летала (за следење на културите, за предвидување на квалитетот на почвата, времето на сеидба, ѓубрење, заштита на растенијата и сл.), роботика и вештачка интелигенција, системи за следење низ синџирот од фарма до трпеза, машинско учење и детална аналитика. Многу од дигиталните алатки и практики придонесуваат за помалку отпад, што се препознава како еден од главните предизвици во секторот. Влијанието на климатските промени, исто така, значително се намалува со примена на добри менаџмент-практики, урамнотежена употреба на ресурсите, создавање еколошки услуги, производство на обновливи извори на енергија.https://www.fakulteti.mk/news/14092022/pametno-kon-pametno-zemjodelstvo-i-hrana