
Паниката околу Алта банка ги врати битолчани во кошмарот на ТАТ
Голема вознемиреност владее во Битола. Општинските јавни претпријатија имаат сметки во Алта банка. Нејзините експозитури од денеска не работат
БИТОЛА – Неизвесност, страв, вознемиреност владее меѓу битолчани чии сметки и штедни влогови се во Алта банка Битола, откако банката соопшти дека од денес ќе бидат затворени за клиенти сите нејзини експозитури. За физичките лица е утврден неделен лимит од 10.000 денари за користење средства преку платежните картички на банката, објави https://nezavisen.mk/panikata-okolu-alta-banka-gi-vrati-bitolchani-vo-koshmarot-na-tat/.
Во саботата, од банката уверуваа во спротивното: „Вашите средства ви се непречено достапни“. За еден ден тој оптимизам исчезна, а Народната банка го ограничи подигнувањето на парите.
„Глувиот на слепиот не верува, извадете ги парите“, коментираат битолчани.
„Сѐ што кажаа, пу-пу не важи“; „Ова личи на проаприлска шега“, коментираат загрижено граѓаните.
Два дена претходно, банката преку соопштение тврдеше дека е ликвидна, но битолчани од саботата во редици чекаа да си подигнат пари. За жал, вратите на банката беа предвреме затворени. Долги редици имаше и на сите банкомати во градот. Се проценува дека граѓаните во државата успеале да извлечат над 2 милиони евра овие денови.
Оваа ситуација за битолчани потсетува на „земјотресот“ што во 1997 години им го приреди штедилницата ТАТ, по што последиците беа далекусежни за Битола и штедачите од државата. Претходно уште во бивша Југославија, битолчани најголем дел печалбари настрадаа и со аферата „девизни заштеди“, кога во банките не им беа достапни нивните средства и се соочија вложените парите да ги земаат, како што велат битолчани – „лажица пред јадење, лажица по јадење“.
Она што се случува денес е неизвесност и паника и кај правните и кај физичките лица. Граѓаните не можат да пазарт во трговски дуќани или други големи продавници затоа што таму не им ги примаат картичките на Алта банка. Трговците се плашат дека потоа не ќе можат да ги наплатат парите.
Најголем дел од јавните претпријатија и установи во Битола, како по некоја традиција, имаа сметки во Стопанска банка Битола, а потоа ги наследи Алта банка Битола.
Сега, според нашите соговорници неизвесно и без информација е како ќе работат правните лица.
„Во моментот е стопиран платниот промет и за физички и за правни лица. Речиси сите јавни претпријатија и установи од Битола се со сметки во Алта банка Битола, што значи сите се соочуваме со неизвесност, а згора на сѐ почеток е на месецот и вработените треба да земат плата. Вака како што стои работата, плата не можат да поделат јавните претпријатија и установи“, изјави за „Независен“, раководител на јавна устанува од Битола.
Битолчани кои имале само една сметка во Алта банка Битола, веќе чекаат редици по други банки да извадат уште една сметка за да можат да земат плата.
„Сите други банки се преполнети, физички лица бараат друга банка за да отворат сметки за да им помине платата. Битола е во хаос, сите што земавме плата преку Алта банка сме во исчекување“, вели битолчанка вработена во јавно претпријатие.
Според последните финансиски податоци објавени заклучно со третиот квартал (30 октомври 2026 година) на Македонската берза, финансиската состојба на Алта банка АД Битола (поранешна Стопанска банка Битола) го содржи следниот биланс: Вкупна актива од 11,27 милијарди денари. Депозити на клиенти (дел од пасивата) од 8,91 милијарди денари и Капитал и резерви (дел од пасивата) од 1,98 милијарди денари.
Ликвидност на активата: Уделот на ликвидната актива во вкупната актива на банката изнесува 43,91%, што укажува на висок степен на расположливи брзи средства.
Но, вчера гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, изјави дека централната банка воведува привремена управа во банката.
Она што предизвикува страв и несигурност кај битолчани се искуството и спомените од пропаѓањето на штедилницата ТАТ и сликите кои наликуваат на оние пред триесеттина години.
Цане Миноски на социјалните мрежи коментира – „Немој некој да го спомнит ‘ТАТ’… не за друго, неубај спомени се будат…“ На ова следат коментари дека се работи за „Српска пералница за пари“, „За префрлени фрапантни 50 милиони евра од Србија во Македонија“.
Сепак, иако е разбирлив стравот и паралелата што граѓаните ја прават меѓу ТАТ и случајот со Алта банка Битола сепак има големи разлики.
ТАТ беше најголемата пирамидална финансиска измама во Македонија во која беа оштетни над 13.000 штедачи, најголем дел од Битола за износ од над 60 милиони евра.
Аферата остави трагични последици во Пелагонискиот регион и се смета дека беше причина за стотина самоубиства на штедачи кои останаа без своите заштеди.
Разликата меѓу Алта банка Битола и ТАТ е во тоа што работата на пирамидалната штедилница под палката на Соња Николовска беше нерегулирана и нудеше нереални камати и до 30 проценти од влогот.
Алта банка Битола е регулирана комерцијална банка.
За разлика од ТАТ, каде парите не беа осигурани, во Алта банка Битола депозитите се осигурани до 30.000 евра во Фондот за осигурување на депозити.
Алта банка АД Белград го финализираше преземањето на Стопанска банка АД Битола во октомври 2025 година, со што стана сопственик на над 93 отсто од акциите на банката. Во декември Стопанска банка Битола официјално го промени името и го започна ребрендирањето во денешната Алта банка АД Битола.
Дека битолчани многу често се „мета“ на финансиски измами говорат и податоците дека градот под Пелистер кој важи за печалбарски со традиционално високи приватни заштеди и земјоделски профити наседнал и на други финансиски афери.
Битолчани имаат трауматично искуство и со штедилниците „Алфа Ели комерц“ во 1991 година сѐ до 1997.
Потоа аферата со штедилницата „Лавци“, каде пропаднаа влоговите на битолчани, непокриени со државниот систем за осигурување на депозити. Во последните години битолчани се честа мета и на интернет измами за брза заработка со криптовалути, како шемата „Конти“.
Последно, пред само два дена МВР ја објави последната измама поврзана со Битола – битолчанка и Естонец во периодот од декември 2025 година до април 2026 година, преку мобилна апликација, на канал со неколку стотици претплатници, со ветување за наводни добивки кои никогаш не се реализирале, навеле голем број граѓани од целата држава да вложуваат финансиски средства на лажна интернет платформа и на тој начин им нанеле значителна финансиска штета.
Битолчани велат дека финансиските измами имаат плодна почва во Битола бидејќи кога роднината или комшијата ќе се пофали дека заработил пари на лесен начин (преку камата или апликација), веста брзо се шири низ Битолската чаршијата и привлекува масовен бран на нови вложувачи, што е идеална почва за финансиски измами.
Текст и фото Анета Блажевска за Независен.мк






