fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

„Пари“ анализа: Петте најголеми винарии лани оствариле профит од над 3,9 милиони евра

Бербата на грозје привршува, а винарниците веќе прават грозје од овогодишната берба.

Лозарите и винарниците почнуваат да испишуваат уште една винска приказна од Македонија. Бербата на грозје привршува, а винарниците веќе прават грозје од овогодишната берба. И годинава се судрија интересите на производителите на вино и лозарите. Лозарите велат дека се недоволно платени, апелираа дека е неисплатливо да се одржуваат насади во услови кога еден килограм грозје се плаќа колку една кеса за пазарење во маркетите. Производителите на вино, пак, велат дека плаќаат најмногу што можат и дека на различни начини го помагаат развојот на лозарството.
Порталот „Пари“ ги анализира податоците на компаниите кои се во жариштето на настаните. Овој пат, тоа се големите винарници кои се пресудни и за развојот на лозарството во Македонија и за девизниот прилив, со оглед на тоа дека лозарството е втора извозна гранка во земјоделието – веднаш зад тутунот.Со извоз вреден 61,4 милиони долари, Македонија во 2021 година е позиционирана како 29. најголем извозник на вино во светот и втор најголем извозник во регионот. Притоа, петте најголеми винарии, според податоците од платформата „Бизнис мрежа“, направиле промет вреден 52,7 милиони евра, а тоа им донело профит од над 3,9 милиони евра.
Очекувано, податоците покажуваат дека најголем приход прави винарската визба „Тиквеш“. Овој производител, главно на вино, но произведува и ракија, лани направил вкупен промет од 32,4 милиони евра, и тоа е значителен скок од 2020 година, кога имал приход од 25,3 милиони евра.
Растот на приходите во 2021 година во однос на 2020 година, е „природна состојба“ затоа што во 2020 година беа најголемите пандемиски карантини, додека во 2021 година имавме враќање на рестораните, прославите… Така и винаријата „Стоби“ го зголемила приходот од 4,8 милиони евра во 2020 година на 5,8 милиони евра во 2021 година.
Но, компаниите кои се на третото и на четвртото место по приходи во 2021 година ‒ „Риго импекс“ и „Имако вино“, имаа намалување на прометот во 2021 година. Така, приходот на „Риго импекс“ се намалил од 5,7 милиони евра во 2021 година на 5,6 милиони евра во 2020 година, а на „Имако вино“ од 5,3 милиони евра на 4,8 милиони евра.
Последен од првата петорка по приходи е штипски „Езимит“, каде приходите во 2020 година биле 3,6 милиони евра, а во 2021 изнесувале 4,1 милиони евра.
Ако, пак, се анализираат добивките се добива поинаква листа на ТОП 5 винарници, „Тиквеш“, „Риго“ и „Имако“ остануваат меѓу петте најпрофитабилни компании, но меѓу нив не се „Стоби“ и „Езимит“, туку „ГД Тиквеш“ и „Далвина“.
Она што може да се забележи е дека скокот на добивката на „Тиквеш“ е многу поголем од скокот на приходите. Имено, лани имал раст на приходите за 27,7 %, додека растот на добивката бил за 113,5 %.
„Риго“ имал мал пад на приходи во 2021 година во однос на 2020 година, додека со добивката е обратна состојбата, односно имала мал раст на добивка, од 603.000 евра на 613.000 евра.
Од најприходните, а истовремено и најпрофитни компании, е и „Имако“, која, исто така, иако имала пад на приходи во 2021 година во однос на 2020 година, имала мал раст на добивката, од 304.000 евра на 375.000 евра.
Со пад на добивка е „ГД Тиквеш“, од 480.000 евра на 380.000 евра, а со значителен раст е „Далвина“ на која добивката ѝ пораснала од 90.000 евра на 266.000 евра.https://pari.com.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close