fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Реализација и ветувања за патишта, пруги, гасоводи…

Капитални проекти 2021

Нов тендер за избор на фирма што ќе го доврши неизградениот дел од делницата Бељаковце – Куманово и ќе ја стартува делницата Куманово – Крива Паланка на пругата кон Бугарија, пуштање во употреба на првите 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, завршување на магистралните гасоводи… Тоа се дел од ветувањата од власта со кои влегуваме во новата година кај капиталните проекти во инфраструктурата, а чија реализација ќе се следи со нова методологија.

За пругата кон Бугарија, неколкудеценискиот проект на сите влади, планиран во три фази со проценета вредност од 600 милиони евра, со буџетот на Министерството за транспорт за годинава се предвидени 1 милијарда и 800 милиони денари.

Ќе продолжи стопираната изградба на пругата кон Бугарија

По барање од изведувачот, германската „Вибе“, во јуни годинава беше раскинат договорот и прекинати работите на првата делница од пругата, во должина од 30,8 километри. Со тој договор беше предвидено пругата да се изгради до септември 2017 година, а поради проблеми при изведбата, претежно од имотноправен карактер, беше потпишан анекс на договорот со рок за изградба до февруари 2020 година. Реализирани се 54 проценти од предвидените работи, а за овој спор државата најави арбитражна постапка. Министерот Бочварски неодамна најави дека во првиот квартал годинава ќе се спроведе тендер за избор на фирма што ќе ги изгради првите две делници од пругата, односно постапката за избор на изведувач за двете делници ќе се одвива со еден тендер.

Ресорниот министер на крајот на декември информира дека надзорниот инженер го доставил финалниот извештај за извршените работи од фирмата што го напуштила градилиштето.

– Потребно е да се распише тендер за доизградба на уште 46 проценти незавршени работи, односно веќе најавивме дека во една јавна постапка ќе ги тендерираме првата и втората фаза од пругата. Очекувам веќе првиот квартал од следната година да се распише тендерот, најави Бочварски.

За пругата кон Бугарија, која е дел од Коридорот 8, дел од средствата се обезбедуваат од заеми, а дел се грантови од ЕУ. Потребна е и за патничкиот и за товарниот транспорт, од кои првиот е застапен само со 10 проценти во транспортот.

Пругата Битола – Кременица, инвестиција од 21 милион евра, е комплетно завршена веќе една година. Извршен е технички прием и во тек е постапка за издавање употребна дозвола и ставање во функција.

Први километри од автопатот Кичево – Охрид, нов тендер за делницата Дреново – Фариш

До крајот на 2021 година се очекува да бидат пуштени во сообраќај првите километри од автопатот Кичево – Охрид. Досега се реализирани 350 милиони евра од предвидените 600 милиони.

– Ги завршивме сите нови проекти што беа пропуштени при изградба на автопатот Кичево – Охрид. Дури 25 проценти од трасата се препроектираше. Сега имаме чист проект, чист фронт за работа и забрзана динамика на работите. Околу 350 милиони евра досега се инвестирани во овој проект, истакна Бочварски во отчетот за првите 100 дена од работата на ресорот.

За во 2021 година е најавена и изработка на проектна документација според концепт што е најповолен за државата за почнување на проектирањето на автопатот Прилеп – Битола и на Тетово – Гостивар на постојната траса, со оглед на проблематичката состојба.

– Продолжува и изградбата на автопатот Скопје – Блаце. Интензивно ќе се градат експресните патишта од Штип до Радовиш, од Крупиште до Кочани, експресниот пат од Градско до Прилеп и од Ранковце до Крива Паланка. Продолжуваме со рехабилитација на преку триесетина регионални патни правци, најави Бочварски.

Првата фаза од експресниот пат Штип – Радовиш во вредност од над 42 милиони евра е при крај и се очекува овој патен правец да биде завршен пред рокот, односно пред април 2021 година. Од делницата Штип – Кочани првата фаза е веќе завршена, втората има сериозен прогрес на работите. Во јули 2020 година беше пуштена делницата Штип-Крупише во должина од 14,3 километри, правата фаза од експресниот пат Штип-Кочани.

Од ресорот транспорт за годинава ветуваат и интензивирање на градежните активности за изградба на експресниот пат Прилеп – Градско. За првата делница од Градско до Дреново веќе е завршена постапката на преземање на градежните работи од страна на новиот изведувач, а за втората делница од Дреново до Фариш веќе е распишан тендер, кој е во фаза на евалуација. Се очекува на почетокот на годинава да биде избрана нова компанија, која ќе продолжи со градежните работи на делницата од Дреново до Фариш. Течат постапките за тужбата од шпанската фирма „Конструксионес Рубау С. А.“, со која беше раскинат договорот, а според надлежните, тоа не ја спречува државата да распише нов тендер за изградба на делницата.

На експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, пак, прогресот на едната делница е 40 проценти, а се очекува да се засилат активностите во текот на 2021 година и на вториот лот.

Воо финална фаза е проектот за нов експресниот пат  од Струмица-преку Валандово до автопатот на Коридор 10  кај Смоквица. Се очекува проектирањето да биде завршено на почетокот на следниот месец со што ќе се знае конечната цена на чинење и ќе се работи на обезбедување финансии за да може да се стартува со изградбата.https://nezavisen.mk/kapitalni-proekti-vo-2021-realizacija-i-vetuvanja-za-patishta-prugi-gasovodi/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close