Пазар на труд: Најмногу се бараат хигиеничари, продавачи и општи работници
Хигиеничар е во моментов најбараното занимања на пазарот на труд. Од 9.520 слободни места, дури 755 се за хигиничари, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување
Од занимањата за кои е потребна универзитетска диплома, најбарани се програмерите – за нив има 305 слободни работни места.
Хигиеничар е во моментов најбараното занимања на пазарот на труд. Од 9.520 слободни места, дури 755 се за хигиничари, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување. Притоа, најбарани се хигиеничарите во производните погони и работните простории – 427, па хигеничари за станбен и деловен простор – 182 и најмалку понуда има за еко-хигиеничари за кои има 146 слободни работни места.
Втори по побарувачка на пазарот на труд се продавачите и за нив има 694 слободни работни места, а потоа се општите работници, за кој има 472 слободни работни места.
Од занимањата за кои е потребна универзитетска диплома, најбарани се програмерите – за нив има 305 слободни работни места. За административни службеници има 192 слободни работни места и за дел од нив се бараат да имаат универзитетска диплома. Во податоците што ги дава Агенцијата за вработувања се наведени најбараните занимања при што на крајот од табелата е понудата на 75 слободни места за медицинско -лабораториски техничари. Во табелата ги нема лекарите, правниците, инженерите…. Ова покажува дека понудата за нив се мери во десетици слободни работни места. Единствено подобра побарувачка има за комерцијалисти и тука веројатно ќе најдат работа и некои дипомирани економисти- за нив во моментов има 78 слободни работни места.
Работодавачите пак, постојано се жалат дека им недостига квалификуван кадар. Од специфични занимања, во моментов на листата се 101 слободно работни место за возачи на товарни возила, 97 за тесларски работници, 79 ракувачи со шивачка машина за текстил, 81 медицинска сестра…
Во однос на недостигот на возачи, претседателката на Макамтранс, Билјана Муратовска објаснува дека се потребни вистински професионалци во оваа струка.
– Пред дваесетина година во автосообраќајниот училиштен центар (АСУЦ) имаше посебен предмет „возач“. Денес возач на камион, цистерна, автобус, или на некое специфично транспортно средство, се станува со курс од неколку месеци. Тоа е неформално образование, кое не може да го даде она што некогаш се даваше во стручното насочено образование. Порано се изучуваше практично и теоретски не само за возач на товарни возила, туку и за возач на автобус и на разни други специјализирани транспортни средства – вели Муратовска и потенцира дека тие како асоцијација барат повторно да се воведе во стручното образование предметот „возач“.
Извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев вели дека стручното образование мора да престане да биде стигма за младите лица кои се запишуваат во средно образование.
– Економијата треба да биде подготвена да ги прими младите средношколци на практична обука и да овозможи стекнување вештини, за тие да можат да се вработат веднаш по своето завршување. Училиштата да ги променат условите за работа, да го модернизираат наставниот процес и да се унапредат дигиталните вештини кај учениците, а државата да собере сила да ги приспособи образовните програми според потребите на компаниите – се трите пораки за кои Пешев смета дека мора да се слушнат за да имаме соодветен кадар на потребите на пазарот.
Според податоците на Агенцијата за вработување, во јануари работа барале 177.796 граѓани.https://www.slobodenpecat.mk/pazar-na-trud-najmnogu-se-baraat-higienichari-prodavachi-i-opshti-rabotnici/