Пазарџиите ќе добиваат лиценци од Комората на трговци
За пазарите во Македонија ќе нема фискализација се до влез на државата во ЕУ, а регистрацијата на фирма нема да биде преку Централен регистар туку со лиценци кои ќе ги издава Комората на трговци. Ова се предвидува со новиот Закон за трговија на зелените пазари, кој беше донесен на 11 овој месец во рамки на 13 седница на Собранието на Република Македонија.
Претседателот на Комората на трговци на Република Македонија Екрем Долек на денешната прес-конференција нагласи дека ќе ги издаваат и ќе ги поделат лиценците по пазарите бидејќи од Здружение на пазарџии се регистрирале во Комора. Должноста им ја доделила Владата и Собранието на Република Македонија.
– Плаќањето на обврските кон државата да не биде преку книговодители туку да биде паушално. Паушалното плаќање на персонален данок на доход веќе функционира од 2011 година. За плаќањето на придонесите за здравствено и пенизиско осигурување се согласивме со Владата и со Министерството за економија, тезгаџиите да биде ставен во тарифата на земјоделец поединец, истакна Долек. Додаде дека по направените анализи дошле до заклучок дека дејноста на еден тезгаџија по обем е иста како на еден земјоделец поединец.
За добивање на лиценците, Долек појасни дека лицата треба да докажат оти поседуваат тезга под закуп. Врз основа на тој договор што го имаат со организаторот на пазарот тие ќе му издадат лиценца со важност од една година. Со необновувањето на лиценцата, лицето се брише како имател на тезга во одреден пазар во државата. За цената оваа недела ќе разговараат со министерствата за финансии и за економија.
Тој рече дека пазарџиите се задоволни од законското решение и упати благодарност до Владата, до скопскиот градоначалник Петре Шилегов и до пратениците Артан Груби и Горан Милевски кои, како што рече, се ангажираа да го решат овој горлив проблем.
Лицата кои нема да имаат лиценци ќе се соочат со казни.
—