Пазарот е преплавен со увезено свинско месо
Производителите на свинско месо се наоѓаат во најтешкиот момент во последните 30-40 години. Свињарството е единствената гранка во државата што обезбедува целосна покриеност на домашниот пазар со некој прехранбен производ.
За да се спаси домашното квалитетно производство на свежо свинско месо, производителите бараат привремена забрана на увоз на замрзнато месо за трговија, како и увоз на мали прасиња.
Додека другите цени растат, цените на свинското месо се намалуваат. Само во последната недела тие се намалени за 10 денари, така што во една продавница свинската плешка се продаваше по 279 денари за килограм, свинскиот бут за 289 денари, а кременадлите за 239 денари по килограм.
Ниските цени се добредојдени за граѓаните, но производителите на свинско месо велат дека таквите цени се должат на огромниот увоз на замрзнато свинско месо, кое е субвенционирано од земјите од каде што доаѓа. Напливот на замрзнато месо, пак, довел до тоа цената на домашното свежо месо од почетокот на ноември до сега да се намали за 20 проценти, тврди најискусниот производител на свинско месо Перо Колевски, сопственик на компанијата „Агриа“.
– Производителите на свинско месо се наоѓаат во најтешкиот момент во последните 30-40 години. Свињарството е единствената гранка во државата што обезбедува целосна покриеност на домашниот пазар со некој прехранбен производ. Во оваа гранка и многу се вложуваше и навистина направивме еден одличен европски модел за производство на квалитетно свинско месо. Ние имаме контролиран процес од самиот почеток на производството, снабдување со домашна сточна храна, сè до кланица. Она што сега мора да се направи е да им се помогне на производителите, затоа што кога една фарма ќе стави клуч на врата, таа тешко пак се обновува – вели Перо Колевски, сопственик на компанијата „Агриа“, во разговорот за „Слободен печат“.
Тој објаснува дека на европскиот пазар се јавил вишок свинско месо, а тоа како замрзнато се извезува во „трети земји“ каде што и ние припаѓаме.
– Рускиот пазар на свинско месо е затворен уште од 2014 година. Тие во последните 5 години си направија 50 милиони свински фарми, со што се сосема независни во однос на покривањето на своите потреби. Сега имаме состојба на затворање и на кинескиот пазар, така што складиштата во Шпанија, Данска и во другите големи производители на свинско месо се преполни и тоа месо во замрзната форма доаѓа кај нас. Потоа, на циркулар се сечат бутовите од по 15 килограми и се пакуваат по 1 килограм и такво поевтино месо има насекаде, а се продава и за рестораните – вели Колевски.
Колевски вели дека сега, додека домашните производители на свинско месо одвај преживуваат, трговците со оглед на ниските цени на европското свинско месо, ќаруваат на големи маржи. Тој алармира дека е неопходно државата да забрани увоз на свинско замрзнато месо за трговијата во наредните 6 месеци.
– За да се спаси сега домашното производство, да ја пребродиме оваа состојба, бараме времени мерки, како што е забраната за увоз на свинско месо за трговијата. Исто така, бараме и времена забрана за увоз на мали прасиња. Кај нас и за увоз на мали прасиња се добива субвенција и за она прасе што ние ќе го одгледаме од мајка – објаснува Колевски.
Целата гранка свињарство годишно добива по 2 милиони евра субвенции. Колевски смета дека тоа е многу малку во однос на вкупните годишни субвенции од 200 милиони евра.
Во однос на јунешкото месо, Колевски објаснува дека сме целосно зависни од увозот и од цените што таму се диктираат и дека никогаш како сега тој сооднос во нашите продавници не бил таков каков што е сега – 2,2 килограми свинско месо да чинат како 1 килограм јунешко.https://www.slobodenpecat.mk/pazarot-e-preplaven-so-uvezeno-svinsko-meso/