fbpx
Вести

Пчеларите бараат еднаков третман со другите земјоделски гранки

Трета година едноподруго регионот на Македонски Брод, Порече и Кичевијата се соочуваат со енормно лоши климатски услови за пчеларење. Според изјавите на пчеларите, веќе со години нивните приходи од оваа дејност се нула, а трошоците за опремата и за репроматеријалите се двојно зголемени и повеќето од долгогодишните пчелари размислуваат да се откажат или барем да ги преполоват пчелните семејства.
– Ако до претходната година во нашиот регион имаше тренд на зголемување на бројот на младите пчелари, сега истите тие ги продаваат своите пчелни семејства или им ги подаруваат на други пчелари. Во моментов повеќето од нашите пчелари се ангажирани околу собирање потписи, со барање до надлежното министерство за прогласување елементарна непогода, за да може да добијат надомест на штета и барем да ги задржат своите пчелни семејства во онолкав број, колку што моментално поседуваат – вели Боро Стојкоски, претседател на Здружението на пчелари од Македонски Брод.

Тој нагласи дека пчеларите во тој поглед се дискриминирани, бидејќи другите земјоделци и сточари, кои претрпеле одредени штети, се редовно обесштетувани и во тој поглед и пчеларите треба да добијат еднаков третман.

– Според досегашното однесување на ресорното министерство се чини дека пчеларството како гранка не е интересно за државата и за институциите и не се зема предвид повеќекратната корист од пчелите, а тоа не се само медот и пчелните производи што ги добиваат одгледувачите на пчели, туку опрашувањето на овошките и другите култури, чиј род во голема мера зависи од бројноста на пчелите во природата, поточно кај пчеларите. И додека во светот се води борба како да се унапреди оваа гранка преку разни стимулативни мерки, кај нас се чини е обратно. Се дозволува тивко да изумира оваа исклучително важна земјоделска гранка – додава Стојкоски. Што се однесува до причините за катастрофалните приноси на мед оваа и претходните три сезони, тие се лоцираат во климатските промени, кои не го заобиколија ни овој регион.

– За годинава можеме да речеме дека пролетниот почеток беше одличен, имавме ветувачка година, сепак врнежливото време и ниските температури во ноќните часови во овој период и тоа во екот на цветањето на бујната вегетација не дозволија нектарење на растенијата, додека дабот воопшто не даде медлика, како последица од неговото измрзнување минатите години. Значи последиците се влечат уште од претходните неколку сезони. И на крајот летните дождови и променливото време ја уништија и онака малата надеж дека ќе имаме нешто подобра година и поголеми приноси од мед. И порано се случуваше да имаме сиромашни години, но сега ни се случи да имаме четири последователни катастрофални години и ако продолжат глобалните промени, прашање е уште колку сопственици на пчели од нашиот регион ќе останат да се занимаваат со оваа земјоделска дејност – истакнуваат Томе и Љупчо, пчелари од кичевските села Туин и Душогубица.

Неповолните временски услови и сѐ помалите количества вистински мед на пазарот, добро им дојдоа на препродавачите, за да можат за добри цени да продаваат таканаречен мед, без ризик од загуби што повеќе да заработат.


 

novamakedonija

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close