fbpx
Без категорија

Пченката и сончогледот најзастапени во пролетната сеидба

Во почвата има доволно количини на влага и сите површини кои во есенскиот период навремено и длабински се изорани, се наоѓаат во добра состојба.

Во Кумановско-липковскиот регион се вршат последните подготовки за претстојната пролетна сеидба. Во овој момент има доволно влага во земјиштето, па земјоделците се надеваат дека сеидбата ќе помине според утврдената динамика и во предвидениот рок. Традиционално, најголем дел од површините ќе бидат засадени со пченка и сончоглед, а помалку со јачмен, градинарски култури и тутун. Оптималниот рок за пролетно сеење за сончогледот во овој крај е од 15 март до 10 април, а за пченката од 10 април до крајот на месецот, бидејќи во тој период климатските услови се најповолни.

-Во овој момент има доволни количини на влага и сите површини кои во есенскиот период навремено и длабински се изорани, се наоѓаат во добра состојба. Потребно е само да се направи површинска обработка на земјиштето. Сеидбата не може календарски точно да се одреди кога ќе започне, таа зависи и од температурата на земјиштето. Кога површинскиот слој ќе биде околу 8 степени може да се започне со сеењето, вели Саша Арсиќ, регистриран земјоделец од Ново Село.

Тој обработува околу 8 хектари земјиште, а оваа година предност ќе даде на пролетните култури. Ќе засади околу 3 хектари сончоглед и околу еден хектар пченка.  Вели дека е особено важно да бидат исполнети сите услови за да се добијат добри приноси.
-За да бидат добри приносите, пред се, битно е да има добар семенски материјал, добра подготовка на почвата, доволна количина на вештачи ѓубрива и потхрана. Ние индивидуалните земјоделци повеќе садиме крупен сончоглед кој се продава кај семкарите, бидејќи е поисплатлив, а поретко оној што се користи за сончогледово масло, затоа што приносите се тука некаде, а цената на индустрискиот сончоглед е пониска, вели Арсиќ.
Тој очекува да добие од 1.000 до 2.000 килограми сончоглед по хектар, додека за пченката повеќе од 6 тони по хектар, но се зависи  од временските услови. Цената на сончогледот е 60 денари по килограм и има сигурен пласман, што ги мотивира земјоделците да сеат на поголеми површини.
-Во сончогледот има малку повеќе работа. Добар дел е физички труд, бидејќи не може се со машина да се заврши, меѓутоа е исплатливо во моментот. Кумановското земјиште е погодно за сите култури, особено онаму каде што има систем за наводнување. Таму се оди со загарантиран принос и се диктира производството, колку ќе се вложи- толку се добива, додека на оние површини кои немаат систем за наводнување зависи од временските услови. Но, кумановско во последен период има доволни количини на дожд и тоа поволно влијае на родот, категоричен е Арсиќ.

Сончогледот се врати на кумановските полиња
Најголемиот комбинат во кумановскиот регион и еден од најголемите во земјата „Клечовце“, фирма со долгогодишна традиција на производство на житни и други видови на култури, оваа година ќе засади по 160 хектари пченка и сончоглед.

Сопственикот Бубе Трајковски, вели дека производството на пролетни култури, пред се пченката, но и на сончогледот, во кумановскиот регион се зголемила последните години, благодарение на добрата агротехника, примена на стручно знаење и избор на соодветни хибриди, од кои се добиваат солидни приноси.
-Ако зборуваме за пченката, до пред 5-6 години таа речиси воопшто не беше присутна во Кумановскиот регион, но сега од година во година се зголемува. Порано производителите користеа стари хибриди, кои не беа отпорни на суша. Не веруваа дека и во сушни услови може да се произведе пченка без поливање и затоа избегнуваа да ја садат. Но, со примена на новите хибриди и на сите современи агротехнички мерки, се произведува квалитетна пченка. Ние секоја година ги зголемуваме површините и сега стигнавме од 80 до 100 хектари. Во зависност од годината приносите се движат од 4 до 7 тона, и тие се скромни, но за сушни услови, бидејќи вложувањата се ниски, ние како претпријатие сме задоволни од овој принос. Покрај производството на пченка, ние мора да имаме и плодосмена на култури и затоа ја одгледуваме. Имаме и мала површина од 5 до 10 хектари, кои се под систем капка по капка, таму добиваме од 13 до 16 тони пченка по хектар, објаснува Трајковски, кој е инженер-агроном.
И сончогледот како пролетна култура е во подем, а благодарение на сигурниот пласман оваа култура се врати на кумановските полиња.
-Ние садиме од 80 до 100 хектари сончоглед, кој потекнува од Институтот за земјоделство во Нови Сад, а е увезен од фирмата „Агростарт“ во Куманово, која е генерален застапник и увозник на оваа култура. Се работи за сончоглед којшто е докажан на нашите простори. Моменталната цена на светска берза е 530 евра, што е одлична за наши услови. Досега немало таква цена на пазарот, па сакам да ги повикам земјоделците кои имаат слободни површини, а не се одлучиле за некоја конкретна пролетна култура, да ги засеат со сончоглед. Приносите на сончоглед како и за се друго зависат од временските услови, а во просек се движат од 1.500 до 2.800 килограми од хектар, додава Трајковски.


Во однос на есенските култури нашите соговорници велат дека се добри и одлично напредуваат, дури и повеќе од што е потребно за овој период од годината. Мал проблем им предизвикале ниските температури во средината на февруари, бидејќи житата биле зазеленети од благата зима, па направени се мали оштетувања на листови, но тие се надеваат дека тоа нема да остави последици по приносите. Тие се оптимисти дека ако продолжат ваквите временски услови ги очекуваат високи приноси, но, сепак велат дека се уште е рано за сигурни прогнози.

Сузана Николиќ за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close