Печуркарите од Пијанечкиот регион се пофалија со добра заработувачка
Продолжената сезона им донесе солидна заработувачка на собирачите и откупувачите на печурки од Пијанечкиот регион.
Само изминатиот месец како што истакна откупувачот Трајчо Гоцевски од Делчево се откупени од 60 до 70 тони свежа печурка, што според него е одлична бројка, споредбено со минатите години.
-Мислам дека ние во Делчево од 60 до 70 тони на свежа печурка имаме откупено во нашиот регион и од еден до два тона преработено, зборувам за сите ние кои сме откупувачи во овој регион. Годинава беше родолжена беше сезоната околу 20 дена, имаше доволно печурки во нашиот крај, значи доста добра година, најдобра година во изминатиот период од 10 до 15 година, вели Гоцевски.
Сезоната е веќе завршена, но се уште како што додава делчевскиот откупувач може да се најдат печурки, кои можат да донесат солидна заработувачка за печуркарите.
-Во моментот сме при крај со сезоната, сега моментално има една печурка која е доста распространета во нашиот регион, тоа е рујница, односно на нашки кажано бриковка или смриковка и една печурка која е малку позната во нашиот крај, се вика црна труба. Тие се едни од поквалитетните печурки и затоа препорачувам луѓето да ги собираат, за да имаат добра заработувачка, дополни Гоцевски,додавајки дека рујницата и црната труба во моментот се откупуваат по цена од 80 денари за килограм свежа печурка.
Во Пијанечкиот регион во изминатите три до четири години поголем дел од населението активно се вклучи во собирањето на печурките, како можност за подобрување на семејниот буџет. Во месец октомври рекордот за најмногу собрани печурки во еден ден е регистриран во делчевското село Разловци.