Педа земја не продавам – Петар Карагошев од Стојаково
Секој по својата животна патека треба да го следи својот сон. По моите патеки учев право, но вљубеник сум во земјоделието и дури можам ќе го работам вели Петар Карагошев од с. Стојаково општина Богданци
Кога човек има некоја желба тогаш со целото срце и душа работи да ја реализира. Живееме во време кога ништо не е лесно, но сепак секој труд се исплаќа. Среќа е што во земјоделието може да се сретнат млади луѓе кои не се плашат од работа и својата иднина ја гледаат токму таму. Правото и земјоделието на прв поглед немаат никаква поврзаност, но 36 годишниот Петар Карагошев од с.Стојаково општина Богданци добро ги споил. Пораснал со земјоделието, од мал бил на нива заедно со своите родители , работел и го учел она што тие го работеле. Сепак сакал да научи и нешто друго. Го завршил правниот факултет во Скопје и иако имал можност да напредува таму со правната струка, се вратил во родното Стојаково.
-Љубовта кон земјоделието ми е од моите родители. Овде такво е поднебјето сите се занимаваат со земјоделие, а за образование правник е желбата да се научи нешто друго, нешто повеќе и да се навлезе во структурите, едноставно да не останеш само со земјоделие. Желба ми беше да се вратам овде, да се вработам по професија во фирма што ќе се бави со земјоделие и баш така стана, вели за Зелена берза Петар.
Веќе 11 години работи во „Техно алат комерц“ фирма која се занимава со преработка на овошје и зеленчук. Таму е вработен како правник и таму ги носи производите што ги добива од своите ниви кои ги работи после работното време. Има фарма со крави, одгледува градинарски производи, а за потребите на фармата одгледува луцерка, пченица, пченка.
-На утро станувам рано и одам прво на фармата со крави заедно со моите родители. Во моментот има 12 крави. Таа е старо нова, порано имавме крави, јунци, па дојде период кога татко ми не можеше сам да ја работи кога со сестра ми бевме на факултет. Кога се вративме фармата повторно се обнови, желбата беше голема и така ќе продолжиме со намера да се прошири уште повеќе па и да се вработи човек, бидејќи сепак правото не би го напуштил. Со правото продолжувам на моето работно место. Откако ќе се вратам дома, по ручекот малку се одморам и повторно продолжувам со работа по полето. Кога имаме потреба плаќаме и сезонски работници особено кога има сеидба и берба на градинарските култури, посочува Петар.
Градинарските култури ги одгледува на 2-3 ха, а на 5-6 ха површина има ливади и житни култури. Од земјата што ја обработува дел е во нивна сопственост, а дел е земена под закуп. Желба му е стопанството да го развива и да ги зголемува површините.
-Педа земја не продавам – никако земја не се продава. Таа може само да се докупи и секоја можност да се купи би ја искористил. Намерите ми се она што го имаме двојно, тројно итн. да се зголемува, вели Петар.
Субвенциите да се исплаќаат онака како што се испланирани во програмата
Времињата се менуваат, а Петар се прилагодува на нив. Се потсети како во минатото неговиот дедо бил прв во селото кој произведувал црвен домат во пластеник и бил најголем производител во регионот. За жал ниските откупни цени довеле до тоа да купуваат домати, а не да произведуваат.
-Почнавме да садиме пролетна зелка и пиперка капија. 3,5 декари оранжерии под фолија ги дадовме под закуп, малку да одмориме, вели Петар. Моментално, според мене, најмногу се исплати одгледување на култури што одат понатаму во преработка. Таму оди и прва, втора и трета класа, не останува ништо, а сите класи се субвенционирани. Имам забелешки на исплатата на субвенциите, не се исплаќаат навреме. Сметам дека треба да се исплаќаат онака како што е предвидено во програмата. Земјоделецот треба да се плати како што е предвидено во програмата, за да знае да си ги планира парите за репроматеријали или машина. Не може цело време да чека и да „плаче“ за својот труд. Како што произведува и предава производи, државата од буџетот треба редовно да го надомести, исто како вработениот државен службеник како што добива плата , му пружа услуги на граѓаните и за тоа месечно е платен. Сите мерки треба да се исплаќаат во роковите кои се предвидени за да нема нервоза кај земјоделците и не да се „плачи“ по интернет, кога се пуштени , што како, се чека ли избори итн., посочува Петар.
Инвестира во своето стопанство бидејќи може да оди напред само ако го модернизира. Смета дека во актуелните програми преку кои земјоделците може да набавуваат земјоделска опрема и механизација со поврат на средства, треба да се направат промени бидејќи земјоделците не секогаш можат да ја обезбедат целокупната инвестиција. Со тек на времето си обезбедил трактор, приклучна механизација, приколки, мала и поголема, распрашувачи, рала, фрези.
Оваа година за да му биде производството на храна поевтино набавил од Синпекс Битола сено превртувач, косачка за сено, ѓубрерастурач. Му недостига балирачка, но вели дека таа е малку поскапа инвестиција за која тешко е да се издвојат средства.
-Имам предлог во однос на средствата што се даваат на пр. од ИПАРД програмата, земјоделецот да ги обезбеди само оние средства што се планирани да му ги вратат, а останатите директно да бидат препратени кај добавувачите. Ако машината чини 10 000 евра, за мене тешко е да обезбедам 10 000 па да ми врата 5 000евра .Тие 50 % кои треба да се вратат нека се плаќаат директно на добавувачот, а јас како земјоделец да си обезбедам 5000 а не 10 000 евра, објаснува Карагошев.
Како 36 годишен млад земјоделец добро се снаоѓа и ги следи состојбите во државата. Многу од младите го напуштаат земјоделието. Вели дека тој што ја оставил мотиката ретко пак ја фаќа макар и да остане без работа.
-Тешко е земјоделието и секој кој што си го замислил својот живот дека на таа животна патека треба да има земјоделие и без да пратам порака тој ќе си оди. Тој што се заљубува во земјоделието, тешко го остава, макар и цел живот да работи за трошоци.
Павлина Јовановска