fbpx
Вести

Одгледуваат тетовско гравче на бамбуси од Тајланд

tetovski grav

Тетовскиот грав е надалеку познат по својот квалитет и вкус, а познатото тетовско гравче-тавче е специјалитет што и денес е меѓу најпосакуваните во домашните, но и ресторанските кујни, особено во полошкиот регион. Ако порано овој препознатлив грав се садел претежно на пченка или на дрвени колци, од пред извесно време тој се сади на трски и бамбуси одгледани во Кина или во Тајланд. Ова е трета година како кооперативата „Екофасуле“, во која членуваат десетина производители, ќе засади и ќе одгледа тетовски грав на овој нов начин. Причините за промената на методот на одгледување се повеќе, но главни се поголемите приноси, како и органскиот начин на производство и механизирано берење, што од една страна ја олеснува работата, а од друга страна е поисплатливо од досегашното традиционално одгледување.

Од кооперативата „Екофасуле“ велат дека оваа година ќе ги зголемат површините во однос на лани и дека се задоволни и од приносот и од квалитетот на гравот што го произвеле.
Лани биле засадени 3 хектари грав во околината на Тетово, откако претходната година пробните садења покажале двојно поголеми приноси од традиционалното одгледување. Одгледувањето грав на овој начин не е новина во светот. Познато и практикувано е одамна во многу земји каде што исто така традиционално се користеле дрвените колци или пченката на кои се јазел гравот. Сега за тоа служат долгите мазни бамбуси. Тетовци идејата и начинот на производство ги ископирале од Грција, од каде што се донесени и бамбусите. Трската, пак, е произведена во Гевгелија. Сепак, количествата се ограничени, па проширувањето на површините на кои ќе се сади со бамбус и трска ќе се зголемуваат етапно.

Мемет Синани, производител на грав и пченица од тетовско Камењане и член на „Екофасуле“, вели дека наредните години ќе се обидат етапно да дојдат до површина од 10 хектари засаден грав на овој начин.

– Во целава работа најмногу напори вложуваме кога е во прашање увезувањето на бамбусовите прачки, кои доаѓаат од Кина или Тајланд. Треба организација и, секако, инвестиција за тоа. Нивната цена, заедно со транспортот до Солунското пристаниште, чини од 10 до 13 денари за еден бамбус. Ако за еден хектар ни се потребни 20.000 парчиња, значи станува збор за почетна инвестиција од 4.000 евра.

Сепак инвестицијата во бамбусовите стапови и трски е многукратно исплатлива, бидејќи истите тие можат да се искористат неколку години, а дозволуваат и воведување механизирано берење, што ја олеснува работата и дозволува засадување на поголеми површини. Со оглед на тоа дека бамбусите се користат и по десетина години, а трските пет-шест години, се исплатува да се инвестира, но проблем е кога парите треба да се обезбедат и дадат веднаш – вели Синани.
Во следните години производителите, освен во бамбус и трска, ќе треба да инвестираат и во потребната механизација, модифициран комбајн за жетва на грав, како и машини за сечење и за чистење. Во меѓувреме некои од производителите членови на задругата ќе се сертифицираат за органско производство, а во постапка се и за добивање на правото да го користат брендот тетовски грав.

Од кооперативата информираат дека гравот е баран производ на нашиот пазар и има добра цена, која се движи од 100 до 120 денари за килограм. Најчесто на почетокот на бербата се качува и до 150 денари за килограм. Во досегашното традиционално производство најголемиот трошок е бербата, бидејќи е рачна и чини некаде околу едно евро за килограм, кое му се плаќа на берачот. Поради тоа за кооперативата е многу исплатливо производството со бамбус и трска, кое дозволува механизирање на тој процес. Сега за сега сите произведени количества се за македонскиот пазар. Во иднина, по брендирањето, посочуваат производителите, планираат самите и да го пакуваат гравот и да го изнесат на странските пазари.

НЕПРОЦЕНЛИВ МАТЕРИЈАЛ ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО
Бамбусот има непроценлива вредност во земјоделството, и тоа како потпорна прачка за растенија, за шпалири, за одделување на различните парцели во градината, за подигнување оранжерии, за оформување издигнати леи, за подигнување стреи за засенување и сл. Бамбусот може да се користи при индустриско производство на голем број култури: грав, краставица, јаболка, круши, ореви, винова лоза и др.

Бамбусите се зимзелени растенија, припадници на семејството на тревите. Потекнуваат од Индија, а растат претежно во тропските и суптропските подрачја на Азија и Австралија. Иако им припаѓаат на тропските подрачја, бамбусите може да се одгледуваат и во умерени области.

Во Р. Македонија уште од 1950 година успешно се одгледува бамбусот Phyllostachys aurea (златен бамбус, трскарски бамбус) во шумско-опитната станица на Шумарскиот факултет при УКИМ во Скопје. Низ светот бамбусот наоѓа широка примена во овоштарството и земјоделството. Карактеристично е тоа што овој вид цвета многу ретко, стебленцата ја достигнуваат целата височина само во една растителна сезона, но созреваат целосно за три години. Лесно може да се размножува и да се одгледува во согласност со потребите. Од друга страна, пак, бамбусите претставуваат вистински предизвик за градинарството и овоштарството.

Ова произлегува од најзначајните карактеристики на бамбусите, и тоа достигнување големи височини (околу 6-7 м), мала разлика во дебелините на краевите (цевчеста форма), голема цврстина (поцврсти речиси од сите други дрвни видови), релативно лесни трски (трска од 4 м тежи 550-600 г) и голема трајност (скапување по 5-8 години). Бамбусот може да се користи при индустриско производство на голем број култури: грав, краставица, јаболка. круши, ореви, винова лоза и др.

Употребата на бамбусот во градинарството претставува еколошка мерка што ги гарантира принципите на органското производство и одржливиот развој (единствен обновлив дрвен материјал), нуди можност за едноставна и лесна работа, обезбедува зголемување на квантитетот и квалитетот на приносите од земјоделските култури.

За да се промовираат предностите на бамбусот како материјал на иднината кај македонските градинари, неодамна е остварена соработка помеѓу Федерацијата на фармерите на Република Македонија и Шумарскиот факултет при УКИМ во Скопје.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close