Агро бизнисВестиТоп вести

ПЕЛАГОНИЈА ГО ДОБИВА СВОЈОТ DEMO DAY: 10 СТАРТАПИ ПОДГОТВЕНИ ЗА СЦЕНА И ИНВЕСТИТОРИ

Програмата Greentech Pelagonija, со поддршка на EBRD и партнерство со ПроКредит Банка, ја заокружува својата прва фаза со финален настан во Битола

На 31 март, во UTOPIA Academy во Битола, ќе се одржи Demo Day на програмата Greentech Pelagonija — финален настан што ги обединува најперспективните зелени и иновативни стартап идеи од регионот. Програмата, реализирана од ПРЕДА Плус, со поддршка на European Bank for Reconstruction and Development (EBRD) преку програмата Advice for Small Businesses North Macedonia, во изминатиот период работеше интензивно на развојот на стартап екосистемот во Пелагонија, со фокус на одржливи решенија и претприемништво со потенцијал за раст. Во рамки на процесот, десетици апликанти поминаа низ селекција, менторска поддршка и практични работилници, при што беа избрани 10 стартап тимови кои утре ќе ја добијат својата најважна можност, да ги претстават своите бизнис идеи пред инвеститори, партнери и релевантни чинители од екосистемот. Подготовките кулминираа со интензивни pitching сесии, каде тимовите работеа на јасност, структура и убедливост на своите презентации, добивајќи директна поддршка за јавен настап и позиционирање на своите решенија. Клучна улога во финалниот избор ќе има и стручното жири, составено од претставници со директно искуство во бизнисот, инвестициите и финансискиот сектор. Во составот на жирито се Христина Фуна од Синпекс, Антонио Наумовски од ПроКредит Банка и Васко Богдановски од Opfolio Invest — професионалци кои не само што ги следат трендовите, туку активно учествуваат во носење одлуки и поддршка на бизниси со потенцијал за раст.

Нивната улога не е само евалуација, туку препознавање на идеи што имаат капацитет да излезат на пазарот и да создадат реална вредност. „Она што го градевме изминатиот период не е само програма, туку процес на трансформација од идеја до подготвеност за пазар. Demo Day е моментот кога тие идеи излегуваат од рамката на концепт и влегуваат во реален дијалог со инвеститори и партнери. За нас, најважно е што се создава континуитет и што Пелагонија добива генерација претприемачи кои размислуваат одржливо и амбициозно,“ изјави Лидија Ангелкова, проект менаџерка во ПРЕДА Плус.

Особено значајна е соработката со ПроКредит Банка, како партнер на настанот, која ја препознава важноста на раната поддршка на стартапите и градењето на одржливи бизнис модели. Ваквите партнерства претставуваат клучен чекор кон поврзување на иновацијата со финансиската поддршка и реалниот пазар. Demo Day не претставува само завршница на една програма, туку почетна точка за нова генерација претприемачи од Пелагонија, подготвени да ги развиваат своите идеи во одржливи и конкурентни бизниси. Настанот ќе се одржи на 31 март со почеток во 11:00 часот во UTOPIA Academy во Битола.

Поврзани новости

Back to top button