fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Пелагониските посеви под вода

Заезерување настана врз добар дел од есенските посеви во најголемата житница во земјава, Пелагонија, по последниот бран обилни снежни врнежи.

Голем дел од есенските посеви во Пелагонија се под вода. Земјоделците се загрижени дека тоа ќе ги оштети житните култури, а ќе доцни и пролетната сеидба.

Заезерување настана врз добар дел од есенските посеви во најголемата житница во земјава, Пелагонија, по последниот бран обилни снежни врнежи. Поради влага доцни прихранувањето на посевите засеани со жито и јачмен.

Земјоделците се загрижени дека поплавите ќе предизвикаат и оштетувања кај житните култура, а ќе доцни и пролетната сеидба. Со оваа влага тешко дека земјоделска механизација ќе влезе по ораниците. Освен врнежите, високите подземни води, тие велат дека проблем и е неисчистената секундарна каналска мрежа која не овозможува проток на насобраната вода до река Црна туку се излева по нивите.

„Влагата ја стопира прихраната на пченицата, прихраната ќе доцни многу и ќе се стопира братењето. Кај што има огледала од вода, ќе има штети. И подземните води се високи, подземни води не трпи пченицата, а јачменот воопшто. Критично е во Пелагонија секаде со последните врнежи. Првата прихрана требаше да се направи уште во почетокот на февруари и тогаш имаше снег, не крепеше земјата да се влези внатре. Некои земјоделци немаат направено ни прва прихрана, а сега требаше да се прави веќе втора. Многу се доцни. Со оваа влага на земјата , 15 дена капка да не заврне нема да може да се влези внатре.“

„Нивите се во вода. Излегоа земјоделците видоа на терен, рекоа нема ништо да има.“

„Кај што не се чистени каналите, односно секундарната мрежа, Жабенскиот дел кон границата со Грција секогаш страда. Но, вода има до Логоварди. Црна е празна, оваа вода не смее да биде по нивите ако се исчистени каналите.“

„Само каде што е повисоко нема да има штети. Но, и за тоа не се исплатува да пушти комбајн. За оваа година ќе нема ни пролетна сеидба. До 15 март земјоделците требаше да подготват расади за тутун и градинарски култури да направат. Но, до мај овде не ќе може да се влезе во нивите. А тоа ќе биде многу доцнат“, коментираат земјоделци од Пелагонија.https://www.slobodnaevropa.mk/a/31734738.html

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close