fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Пелистер се гали со очите а се милува со душата

Пелистер-вечна инспирација за фотографирање.

Со изложба на фотографии од Пелистер насловена „Пелистер се гали со очите а се милува со душата“ од авторите Петар Ставрев и Сашо Ставрев одбележана е годишнината од прогласувањето на Пелистер за прв Национален парк на просторите во поранешна Југославија, во 1948 година.

На изложбата поставена во Центарот за култура во Битола беа претставени многу фотографии од различни делови на планината како и фотографии направени во различен временски период. Покровител на изложбата беше ЈУ Национален парк Пелистер. За авторот Петар Ставрев, Пелистер претставува вечна инспирација за фотографирање.

-Оваа изложба има цел да го презентира и да го надополни естетското чувство за  фотографија, како и убавините на пределите на Пелистер во сите годишни времиња. Изложбата содржи околу 100-тина фотографии кои датираат во период од пред триесет години до денес. Исто така тука се присутни и фотографии направени од мојот син Сашо кои се понови, поточно во период од пред десетина години. Фотографиите се од документарен карактер. Досега имам направено околу 50-тина изложби на фотографии од Пелистер. Повеќето се направени во Битола, но сум имал изложби и во други градови од нашата татковина, се во зависност од пројавениот интерес. Со оваа изложба немавме за цел да пројават интерес само љубителите на планината, туку и други граѓани љубители на фотографијата и на убавото. За мене Пелистер претставува вечна инспирација за фотографирање, рече Ставрев.

Новинарот, фоторепортер и хроничар на Битола, Петар Ставрев е силно поврзан со планината, а е креатор и на една нова традиција поврзана со Нова година.

-Сум посетил многу планини но Пелистер за мене е најубавата. Пред 20-тина години сакајќи да направам новинарски запис како некои граѓани ја поминуваат Новата година, јас се сетив на вработените од предавателот на МРТ, кој се наоѓа на врвот на Пелистер, поточно на височина од 2601 метар. На вработените како новогодишен поклон им предадов шише со шампањ. Оттогаш секој 2-ри Јануари, некогаш 3-ти или 4-ти во зависност од временските услови секогаш ги посетувам. На почетокот со мене доаѓаа само неколкумина наши сограѓани, но во изминатите години се случува групата да брои околу 100-тина планинари, вклучувајќи и лица од другите градови. Секоја година кога ќе ја добијам ноемвриската пензија веднаш купувам еден литар шампањ што ќе биде однесен кај вработените од предавателот. Дали ќе успеам да ги посетам и оваа година останува да видиме. Се ќе зависи од временските услови, како од тоа дали е патот прооден и дали има поминато ратракот, додава Ставрев.

Петар, љубовта кон фотографијата и планината успеа да ја пренесе и на својот син Сашо. Тој порано учествувал на изложбите кои ги организирал неговиот татко, но не како автор на фотографии, туку помагал околу други активности.

За првиот човек на ЈУ Национален парк Пелистер Осман Шукриу Пелистер мора да биде достапен за секого и да биде финансиран со државни средства и донации.

-Роден покрај Преспанското езеро, уште од млади години ми го привлекуваа вниманието пределите од западната страна на планината. Подоцна посакував да ги видам сите страни на Пелистер и запознам сите негови убавини. Кога ме назначија за директор на ЈУНП Пелистер почувствував голема радост не само поради тоа што подобро ќе ги запознам овие предели, туку и дека ќе дадам придонес заедно со моите вработени и со помош на љубителите на планината сите овие убавини да се заштитат и зачуваат за идните генерации. Подготвив обемна програма која сакам со нив да ја реализирам низ законската процедура. Многу голема желба ми е Пелистер да биде заштитен, да биде достапен за секого и да биде финансиран со државни средства и донации. Ова особено е важно, се со цел да не бидат искористувани богатството и ресурсите на планината за обезбедување на средствата за тековно одржување и унапредување. Со ваквите активности би можело евентуално да дојде до нарушување на богатиот биодиверзитет, истакна Шукриу.

 

Текст и фотографија: Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close