fbpx
Агро бизнисВестиЕкологијаРурален туризамТоп вести

Петачко Водиче – 13 годишен развој на туризам на стара инфраструктура

Месноста Петачко Водиче го добила името по малата црквичка „Света Петка“, за која постои верување дека изворот со вода во самиот храм е лековит.

Едно од најпосетуваните места во Полошко, сместено во густата шума на Шар Планина над село Беловише, е месноста Петачко Водиче. Ова место од година во година се развива на постојната стара инфраструктура.

Пределот е се повеќе атрактивен за домашните, но во последно време и за странските туристи. Водопадите, ладовината во летниот период, можност за почетна точка за планинарство, како и преубавите локации за излетништво, придонесуваат за неколку месеци особено во летниот период ова место да го посетуваат и над 10.000 посетители.

Но, прашањето што се почесто се наметнува е колку може инфраструктурата на оваа локација да го издржи овој капацитет?

Душко Матоски жител на село Беловиште и сопственик на еден од рестораните во овој предел, вели дека инфраструктурата трпи, но комоцијата и тишината се нарушува. Тесната патна инфраструктура, немањето доволно паркинг места, негрижата за хигиената, им го нарушува мирот на посетителите, а некои и ги одвраќа од ова место.

-Најпрвин е изградена инфраструктурата околу црквата каде има маси, клупи за седење, покриено е местото, има скара, сите услови ги има, каде што е лоцирана и црквата „Свети Јован“ и „Света Петка“. И за до ова место да се пристигне изграден е и патот, има паркинг на крај од патот, тоа е за тој капацитет. И сето тоа го изгради црквата, но народот ја спозна убавината, па почна масовно да доаѓа, се зголемија потребите, се изградија ресторани, прекрасно вклопени во природата. Сето тоа донесе нови потреби, потреба за нови паркинг места, нова патна инфраструктура, повеќе грижа за комуналната хигиена, ама за тоа никој со прст не мрднува, вели Матоски.

Тој иронично прашува дали и ние сме даночни обврзници и дали заслужуваме подобро услови од државата.

-Плаќаме данок, а државата за возврат ништо. Како тоа промовира туризам, рурален или планински како и да е , а тука ништо не презема. Сите знаат колку е ова место прекрасно и тука нешто треба да се вложи. И покрај проблемите посетеноста е голема, да се погрижеше барем малку државата ќе беше вистинска успешна туристичка приказна, истакна Матоски.

Посетителите велат дека Петачко Водиче е едно од најпривлечните места во полошко, ако не и пошироко.

-Тука нема кој не дошол, а не се воодушевил од природата, тука е прекрасно, тука луѓето го наоѓаат својот духовен мир покрај црквичките, прекрасно место и за цели семејства кои тука ги поминуваат викендите, но и за друштва, рекреативци и слично. Сепак државата треба да посвети поголемо внимание на оваа македонска убавина, вели посетител.

Засега само црковниот одбор и угостителите го одржуваат Петачко Водиче.

Од Општина Јегуновце под која капа е село Беловиште нема никакви најави за обнова или изградба на нова инфраструктура во село Беловиште.

Нивното оправдување е дека местото не е дел од урбанистичкиот план, а пределот е на претежно приватен имот, па експропријација на место каде би се градела или проширила евентуалната инфраструктура би одела малку потешко.

Месноста Петачко Водиче го добила името по малата црквичка „Света Петка“, за која постои верување дека изворот со вода во самиот храм е  лековит. Од месноста Петачко Водиче води планинарска патека до големи Беловишки водопади, кои се меѓу и најголемите на Балканот.

 

Зоран Димовски за Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close