Петиција на продавачите на цигари во Македонија
Стотина сопственици на киосци и на специјализирани продавници за цигари од Прилеп, Битола, Штип и од повеќе други македонски градови почнаа да потпишуваат петиција до производителите и дистрибутерите на цигари во Македонија, незадоволни од нискиот рабат што го добиваат од продажбата на цигари.
“Рабатот што го добиваме од секоја кутија цигари со години тапка во место, дури и стагнира, наспроти постојаното зголемување цената на цигарите кои, според најновите законски измени, до 2020 година треба да бележат редовен пораст на цените. Цените растат, а ние продавачите на цигари добиваме од 4 до 6 проценти од штека, со што не можат да се докријат ниту основните трошоци”, велат дуќанџии од споменатите градови.
Тие потенцираат дека во соседните земји рабатот е значително поголем. Така во Србија рабатот изнесува 18 проценти, а во Хрватска за некои цигари достигнува и до 25 проценти. Затоа македонските продавачи на цигари се надеваат дека петицијата ќе вроди со плод и рабатот ќе достигне барем до 10 проценти, со што ќе бидат задоволни, а потоа со секое зголемување на цената на цигарите, да се зголемува и нивната добивка.