
Агро бизнисВестиТоп вести
Килограм пченица колку една мастика за џвакање – расте револтот кај жетварите
Земјоделците велат дека цената на пченицата е иста како пред 10 години, кога цената на вреќа ѓубре беше 380 денари, а сега е 2.500 денари
Земјоделците и оваа година ќе ја продаваат пченицата под производствената цена, која изнесува 15 денари за килограм. Откупната цена на пченицата годинава, како што најави министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, е 12 денари за килограм, која е далеку пониска од онаа што ја бараат од Националната федерација на фармери, од 18 денари за килограм. Земјоделците велат дека цената на пченицата е иста како пред 10 години, кога цената на вреќа ѓубре беше 380 денари, а сега е 2.500 денари, а цената на нафтата беше 17 денари за литар, а сега е 70 денари за литар. Не може килограм пченица, која е стратешки производ, да чини колку едно јајце или една мастика, велат земјоделците.
– Договорената откупна цена на пченицата од 12 денари за килограм е незадоволителна и далеку од производствената цена, која изнесува 15 денари. Оваа откупна цена од 12 денари за килограм ја имавме во 1993 и во 1997 година, кога цената на вреќа ѓубре од 50 килограми беше 380 денари, а сега е 2.500 денари, а цената на литар нафта беше 17 денари, а сега е 70 денари. Освен тоа, заштитните средства и препарати се поскапени за 300 отсто. Оваа цена не е воопшто прифатлива за производителите и ако продолжи овој тренд на откуп, ќе ја снема пченицата од нивите. Не може пченицата, која е стратешки производ, да се продава колку едно јајце или една мастика – вели за весникот ВЕЧЕР Мемет Синани, член на Управниот одбор на Националната федерација на фармери.