Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

ЛОША ВЕСТ ЗА СТОЧАРИТЕ! – Млекарници пак ја намалија цената на откупното млеко за два денари

Сточарите пред колапс, се поскапува само млекото поевтинува, се жалат одгледувачи на говеда

БИТОЛА – Нова „казна“ од млекарниците стаса за сточарите, одгледувачи на говеда, откупната цена на млекото е намалена за два денари по литар. Вака во една реченица сточари од Пелагонија ја опишуваат состојбата со откупот на суровото млеко. Падот на откупната цена на млекото се случува во континуитет, поизразено од лани летото, па така ако лани млекото се откупуваше до 33 денари за литар, сега според сточарите таа цена е 29 денари до 24 денари по литар.

Згора на ова сточарите немаат земено субвенции по грло добиток за 2025 година, а премијата за млекото им е исплатена до јуни 2025 година.

Денешна пресметка за откупното млеко

 

Сточарот Тони Петковски од селото Велушина кој одгледува дваесетина грла крави вели дека денеска добил пресметка за предаденото млеко за месец април во која еден литар млеко наместо 30 денари му го пресметале на 28 денари, што значи дека млекарницата ја намалила цената за два денари.

„Во континуитет паѓа цената на откупното млеко од лани летото тоа е поизразено. Денеска добив ‘честитка’ од млекарницата, цената на откуп ми е намалена за два денари, збирно тоа се многу пари за еден сточар во ова кризно време. Сточари јавуваат дека пад на цената на откупот има речиси во сите млекарници, а во една од битолските млекарници цената на откупот се спушти до мизери 24 денари за литар сурово млеко. Тоа е колапс за сточарите пред кој молчи државата“, вели сточарот Петковски, претседател на здружението „Пелагонско поле“. Најголемиот револт кај сточарите е што секојдневно растат цените на горивата, на репроматеријалите, на ѓубривата и на сточаната храна, а само трудот на сточарите не е вреднуван.

Петковски пресметува дека со оглед на тоа што годишно на откуп предава околу 45 тони млеко, загубата со падот на откупната цена за неговото сточарско стопанство е 5 до 6 илјади ева на годишно ниво. А само за храна за кравите годишно троши околу 8 илјади евра. Сточарот вели дека со ваквите цени и математики најголемиот удар е врз поситните сточарски фарми, а не им е лесно ниту на поголемите краварски фарми.

Тони Петковски-Паша

 

Така, Петковски споредува дека ако денес цената на нафтата е поскапа за 2 денари, според која математика цената на суровото млеко е намалена за два денари од литар.

„Дизел горивото денеска е по цена од  93,5 денари за литар, значи два денари повеќе од мината недела, а млекото падна за два денари на откуп, по која логика? Лани летото литар нафта беше 68 денари, млекото на откуп до 33 денари за литар и поради неиплатливост сточарите нагло ги продаваа кравите на сточари од други соседни земји. Сега на оваа цена на нафтата која се ближи до 100 денари и на литар млеко кое паѓа и се доближува до 20 денари, каде е политиката на Владата за заштита на домашното производство на храна“, прашува Петковски и бара итна средба на сточарите со премиерот Христијан Мицкоски.

„Веќе не сакаме средба со министерот Цветан Трипуновски, очигледно не ја знае математиката на сточарите и со овие политики сточарството е во колапс, велам севкупно не само за краварите туку и за овчарите и козарите. Затоа бараме итна средба со премиерот, мора лично да ги слушне нашите проблеми“, порачува сточарот.

Сточарите веќе јавно го критикуваа министерот Трипуновски за неисплатените субвенции и бараат негова оставка. Сточарот Борче Бучински од Могила правејќи како што вели проста математика напоменува дека цената на суровото млеко е срушена за цели 8 денари по литар. Ако лани во просек беше 33 денари литар сурово млеко сега е 25 денари за литар, вели сточарот.

„Ако во маркет литар млеко е 60 денари, минус овие 8 денари што ни ги скратија нас сточарите, значи млекото во маркет треба да е 52 денари. Дали имате видено дека млекото во маркет поевтинило за 8 денари? – не. Јас гледам дека скапотијата оди нагоре, литар млеко е од 75 до 80 денари и плус ни откупуваат чисто млеко, а продаваат хемија“, вели Бучински.

Анета Блажевска

Поврзани новости

Back to top button