fbpx
ВестиТоп вести

Плачеме и не спиеме како ќе се прехраниме оваа зима, се жали Јованка Котевска од Вашарејца откако градот ги обра нивите со тутун

Катастрофа, да имаш, па за миг да немаш. Јованка Котевска(54) земјоделец од селото Вашарејца, вака ги опишува состојбите во нивите со тутун откако силно невреме со град во саботата ги зафати селата, Српци, Беранци, Вашарејца.

Во селото Вашарејца има околу 70 домаќинства кои се занимаваат со земјоделие и сите бројат штети од невремето кое траеше околу дваесеттина минути проследено со град со големина на орев.

На Котевска и настрадаа двете ниви со тутун, едната од 1 хектар и другата од 1 погон лоцирани на различни места во атарот на селото.

Трудот , маката и добивката ги однесе невремето, вели таа.

– Еве утрово почнавме да го туркаме тутунот на земја, премногу е тепан од градот, отепано е се, ако нешто остане ќе биде чудо. Ова мора да го води Комисијата за проценка  на штети, вака не било, се жали Котевска.

Разговорот со Котевска за „Зелена берза“ го правевеме два дена по невремето, а таа вели исто толку време плаче и не спие загрижена како ќе се прехрани  в зима кога ќе нема што да предаде и што да земе од тутунот. Згора на тоа нивите на кои сади тутун и сее жито ги зела под закуп и за нив треба да плати надоместок.

-По една семејна трегедија со мажот ми се преселивме во Вашарејца во 2004 година. Живееме во куќа под кирија, а така ни се земени и нивите. Сопругот зема инвалидска пензија од 9100 денари , за се друго чекавме од тутунот. Се мислиме сега како ќе ја дочекаме зимата и како ќе се преживее. Од каде да се платат наменините за куќата и за нивите, од каде пари да се платат сметките и како да се прехраниме. Се мислам како без пари од тутунот ќе се спремаме за идната реколта. Од оваа работа ништо не бидува, се пожали Котевска.

Тежината кај Котевска е уште поголема бидејќи тутунот годинава дал голем род, се израдувале, иако со првите дождови во јуни листот заболел, па со препарати успеале да се справат со ситуацијата. Но, сега нема што да се собере.

-Првата рака од тутунот ја собравме до половината, и толку годинава од родот, а секоја година на откупните пунктови предавав по 3000 килограми тутун, сега таа бројка е недостижна. Значи ни пропаѓаат  и втората и третата и четвртата и евентуално петтата рака, ако есента биде со  поволни временски услови. Едноставно се загубивме, вели Котевска  во очекување Комисиите за проценка на штетите од невремето барем да им ги надоместат трошоците при садењето и обработката на тутунот. Но, земјоделеците два дена немаат информација кога надлежните служби ќе излезат на терен.

-Во селото засега нема најава дека некој ќе врши проценка на штетите. Барем да си ги вратиме парите што сме ги дале за кириите за нивите, за орањето, за билките што сме ги прскале од штетиници и болести кај тутунот, а за маката наша и потта неочекуваме надоместок , бидејќи тоа не се плаќа со ништо. Секој ден работиме на тутунот од 3 и 30 рано наутро до 10 часот и потоа попладне од 16 до 20 часот, за навечер да нижиме тутунот, тоа е нашата голема мака без ќар, вели Котевска.

Градот што зафати делови од Пелагонија во саботата попладне уништи над 500 хектари засадени со тутун, жито, пипер и летни култури.

Според најавите Општина Могила за вторник (10 јули) најави вонредна седница на Совет, на која ќе се расправа за штетите од невремето, а потоа земјоделците ќе имаат можност да се пријават за обештетување кај проценители на Општинската комисија. Во погодените  села има над илјада земјоделци кои чекаат помош од државата за да ја преживеат годината.

„Зелена берза“

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close