Неодамна, на истекот на старата 2015-та и пречекот на новата 2016 година, републичкото собрание со едногласна одлука го изгласа Законот за гаранција на Република Македонија за обврските од Договорот за заем, за финансирање на проектот за топлификација на Битола во вредност од 46,45 милиони евра. Овој проект нема да значи само решавање на проблемот со затоплувањето на Битола, туку тој е замислен да го реши и проблемот со затоплувањето на жителите во преостанатите две општини Новаци и Могила.
Но проектот за топлификација не само што ги израдува жителите од овие три општини, кои конечно ќе дочекаат да се топлат по многу пониски цени, туку ги израдува и земјоделците во Пелагонија, кои ќе можат во иднина, наместо традиционалните житни култури пченица и јачмен, да одгледуваат и градинарски култури, кои се многу подоходни и поисплатливи, а што е најважно многу повеќе барани на пазарот.
Турски компании ќе градат пластеници
Со изградбата на топлификацијата од РЕК „Битола” конечно на плодната Пелагонија, ќе може, наместо традиционалните житни култури пченица и јачмен, да се произведува и оранжериско производство. Откако деновиве Собранието го изгласа законот за задолжување и за изградба на топлификацијата, во општината Новаци се јавија неколку турски земјоделски компании, кои изразија подготвеност да инвестираат во изградба на пластенции и оранжерии за производство на градинарски култури. Таквиот нивен голем интерес не е само поради тоа што Пелагонија е плодна рамница туку и поради близината на ЕУ, каде што ќе можат да го извезуваат своето производство со раноградинарски култури. Ништо не е помал интересот и на нашите земјоделци, кои исто така искажаа подготвеност да почнат да одгледуваат градинарски култури, како што се домати, пиперки, краставици, кои се многу повеќе барани на пазарот – вели градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски.
Топлификацијата ќе ја прероди Пелагонија
Топлификацијата на Битола, Новаци и Могила ќе ја прероди Пелагонија и во целост ќе го смени нејзиниот лик, вели првиот човек на земјоделците на Македонија, Вељо Тантаров, кој смета дека овој проект доцни повеќе од три децении и требаше да се реализира веднаш по изградбата на првиот блок на битолските термоцентрали.
– Со изградбата на проектот за топлификација, цела Пелагонија, од местото Костинци до Кременица на грчката граница, која опфаќа 60-70 илјади хектари плодна земјоделска површина, мора да добие нова стратегија. Со овој проект не само што ќе се фрлат печките за затоплување на домовите туку во основа ќе се смени ликот на Пелагонија. Пелагониското поле во наредниот период ќе личи на Струмичкото и Кочанското, каде што се изградени голем број пластеници и оранжерии, како и топли леи. Веќе испостената земја на Пелагонија од садење само исти култури, пченица и јачмен, ќе биде поле каде што ќе никнат голем број оранжерии и пластеници, во кои ќе се произведуваат индустриски култури. Затоа време е веќе да се размислува за едукација на земјоделците, кои треба да се подготвуваат за оранжериско производство – вели Тантаров.
Проектот за топлификација на Битола, Новаци и Могила чини 46,45 милиони евра. Финансиската конструкција предвидува средствата да се обезбедат од два извора, заемот од Германија во висина од 39 милиони евра и учество на ЕЛЕМ со сопствени средства во износ од 7,45 милиони евра.
Проектот за изградба на систем за топлификација за Битола, Новаци и Могила е меѓу врвните приоритети што ќе ги реализира АД ЕЛЕМ во претстојниот период. Покрај тоа што со неговата изградба ќе се реши проблемот со затоплување на трите општини, а наедно ќе се создадат услови за оранжериско земјоделско производство, една од најголемите придобивки од него е што нуди можност да се елиминираат поединечните извори на загадување на животната средина. Со воведувањето на топлинската енергија во дел од пелагонискиот регион, значително ќе се намали употребата на нафта и огревно дрво во јавните објекти и домаќинствата, што дополнително ќе ја редуцира емисијата на штетни гасови, кои се резултат на процесот на согорување, а со тоа во голема мера ќе се подобри квалитетот на воздухот во регионот. Значително ќе се подобри и квалитетот на живот на сите граѓани што ќе се приклучат на топлификациската мрежа, со оглед на помалите трошоци за затоплување на своите домови со топлинска енергија – вели првиот човек на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски.
Според него, се очекува системот за топлификација да има директно влијание врз намалување на емисиите од согорување дрво, масло за домаќинства и јаглен во малите домашни печки, како и во печките на јавните и комерцијалните објекти, како и во намалување на емисиите на штетните гасови, што во крајна линија ќе значи зголемување на квалитетот на амбиенталниот воздух. Проектот директно ќе влијае и врз намалувањето на веројатноста за евентуално несоодветно третирање на отпадното масло во подготовка што сега се користи за греење.
– Дополнително, префрлањето на жителите на Битола и на регионот на оваа мрежа ќе значи и значително намалување на потрошувачката на електрична енергија што во зимскиот период од голем дел од домаќинствата и други субјекти се користи за загревање на домовите. Во овој контекст, меѓу позитивните ефекти би ги спомнал и значителното намалување на притисокот врз дистрибутивната мрежа во зимски услови. Истовремено тоа ќе значи и заштеда на природните ресурси што ги користиме за производство на електрична енергија, пред се на јагленот додава Бошковски. Очигледно ефектите од новиот проект за топлификација на Битола ќе бидат повеќестрани. He само што ќе се реши проблемот со затоплувањето на Битола, Новаци и Могила туку и ќе се отворат перспективи за развој на земјоделството во правец што досега воопшто не бил опфатен во овој дел од земјата, а од друга страна значително ќе се намали емисијата на штетни гасови што е присутна во овој период во регионот.