По 49 години живот и работа во Пешталево, Фикрета не може да добие македонско државјанство
По 49 години живот и работа во Пешталево, Фикрета не може да добие македонско државјанство
Фикрета Шабановиќ во с. Пешталево општина Долнени е од својата 7 година. Се преселиле тука заедно со своето семејство од Босна и Херцеговина. Судбина било тука да се омажи и да го продолжи својот живот заедно Сафет Шабановиќ.
Се занимаваат со сточарство. Имаат вкупно 70 крави, „мало големо“. За потребите на својата фарма произведуваат храна на површина од 80 декари земја, што ја зеле под концесија од Министерството за земјоделство. Покажувајќи ни го патот до шталата, Сафет ни рече дека сѐ што имаат постигнато до сега е благодарение на неговата сопруга Фикрета. Од шталата излезе ситна жена облечена со облека за работа во штала, гумени чизми на нозете и шамија на главата. Ја прекинавме во молзењето на кравите. Со насмевка на лицето ни рече дека работниот ден трае 24 часа.
-Од утро до вечер сме со обврски. Мачно е, ама ако имаш волја ништо не е мачно, ако немаш, тогаш сѐ ќе ти биде мачно. На сабајле пиеме по едно кафе и веднаш во шталата, молзење, чистење, па носење храна итн. Потоа продолжувам дома со работа, ручек, па повторно во шталата или нешто друго што треба да се сработи. За одмор едвај еден час имаме, објаснува Фикрета.
Вели дека како и останатите жени во селото нема многу слободно време. Немаат којзнае каков социјален живот. В град одат само по потреба, а со комшивките навечер се собираат на кафе муабет. За што најчесто зборуваат?
-Ееех…..женски муабети колку што сакаш. Кој каде бил, кој му дошол, каде пошол, а политиката е последно нешто за што муабетиме. Не ме интересира, нека им е гајле на оние во парламентот, вели Фикрета. Најубаво ми е кога одам во моето родно место во Босанска Отока во БиХ, додава таа.
За разлика од нејзиниот сопруг Сафет кој се пожали за животот во селото, дека сѐ е катастрофа, таа се пожали на институциите во државата.
-Овде сум странец. Пробав на неколку пати да поднесам документи за да добијам македонско државјанство, но без успех. Сите мои се овде и тие имаат државјанство, а јас никако да добијам, зошто? никој не ми објаснува. И син ми не може да добие државјанство. Тој работи овде и му плаќа данок на државата, а државјанство не може да добие. Се оддадовме од пари и никако. Јас го поминав моето, ама барем синот. Немаме луксузен живот, со стока, тутун и земјоделие имаме еден среден живот, за повеќе не може. Бидејќи овде ме третираат како странец не може да аплицирам и да искористам нешто од програмите што ги објавува Министерството. Немам ништо на мое име, објаснува Фикрета.
И двата велат дека заради синот се мачат и сакаат нему да му го олеснат животот.
-Синот ме држи инаку не ќе можам да функционирам. Младите сите заминуваат, а јас го врзав синот овде. Инвестирав во машинерија и го врзав да работи стока и земјоделие. А, цела фамилија ми е на запад. Моја грешка е што тоа го направив. Требаше да го пуштам да оди, да живее како човек а не овде ко стока, се пожали Сафет.
Во Пешталево се негуваат добри меѓу соседски односи
Во Пешталево живее мултинационално население. Има Македонци, Турци, Албанци, Бошњации сите имаат добрососедски односи и се почитуваат едни со други. Најчесто се занимаваат со тутун и со стока, но стандардот не име на којзнае какво ниво.
Сретнавме и млади луѓе кои за волја на вистината ги има сѐ помалку. Оние што успеале да се снајдат заминале во странство, а оние што останале овде се обидуваат да го живеат животот како што знаат и умеат според традицијата и адетите во селото. Од дворот на Сафет се упативме на друго место да видиме како размислуваат останатите мештаните. Наидовме на млада мајка со своето дете која сакаше да остане анонимна. Се пожали на животот во селото и дека нема социјален живот.
-Никој не нѐ брани, ама нема многу раздвиженост и заеднички дружби. Не знам дали е тоа од патријархалната традиција или нешто друго. В град не можеме често да одиме, само кога имаме некоја потреба, а да одиме во странство не можеме. Треба и таму некој да имаш кој ќе те прифати и ќе ти помогне барем во прво време, објаснува младата невеста.
Зимскиот период е време кога населението може малку повеќе да се одмори и да здивне од работите по полето.
Сретнавме уште едно семејство кое само го потврди разговорот од претходните соговорници. Чекаат тутунот да им го проценат, па да знаат што понатаму. Додека тие размислуваат што и како понатаму, ни рекоа дека нивните деца воопшто не размислуваат да се занимаваат со земјоделие. Напротив својата иднина ја гледаат во некоја странска земја за што и преземаат соодветни мерки.
За животот на жената не кажаа многу поразлично од претходните. Рекоа дека многу информации учат од списанието Зелена берза што им доаѓа на домашна адреса. Иако се активно вклучени во производството на тутун не размислуваат за нешто поголемо и посериозно женско претпримеништво. Велат нема услови за тоа.
Павлина Јовановска
Содржините на оваа веб-страница се одговорност на сопственикот и уредникот и не ги одразуваат ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија