Околу 1.200 земјоделци од Делечвско добија картички за зелена нафта

(Oвој напис е објавен на: August 22, 2019)

Во Делчево започна распределбата на картичките за зелена нафта, мерка со која се опфатени околу 1.200 земјоделци од делечвскиот и каменичкиот регион. Во овие два региона како што информираат од Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Делчево има вкупно 3.200 активни земјоделски регистри, на кои, како што информираше раководителот на секторот за земјоделство, Илија Каранфиловски, примарна дејност им е земјоделството.

-Во делчевскиот и каменичкиот регион кои се под наша надлежност, имаме 3.500 регистри од кои 3.200 се активни. Тоа се земјоделски стопанства на кои примарна дејност им е земјоделството. Услов за добивање картичка за зелена нафта е земјоделците да имаат пријавено единствено барање во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во 2018 година. Во зависност од дејноста со кое се бави земјоделското стопанство и вредноста на картичката е различна. Земјоделските стопанства кои имаат овошни култури ги следува 45 литри нафта, односно 2.800 денари по хектар, градинарските култури 2.250 денари по хектар, индустриските култури 18 литри или 1.120 денари и полјоделските култури во вредност од 12 литри или 750 денари по хектар. Оваа вредност е 30 проценти од реалната потрошувачка на гориво, со тенденција во наредните неколку години да расте до 50 проценти, рече Каранфиловски.

Тој се надоврза и на годинашната жетвата која штотутку заврши во делчевскиот регион.

-Оваа година земјоделците не беа многу задоволни од жетвата. Причина за тоа се условите кои есента 2018 беа непогодни. Најпрвин имавме суша, а потоа и обилни врнежи од дожд, при што самите земјоделците не можеа да ги подготват нивите за сеидба. Од таа причина есенската сеидба беше намалена отприлика за 70 проценти од претходната година, пролетната беше 94 проценти или шест проценти помалку. Од засеаните 317 хектари годинава, на површина од 120 хектари беше застапена пченицата, потоа јачменот со 117 хектари, овесот со 60 хектари, како и житната култура „тритикале“ која ја имаше на површина од 20 хектари. Вкупно приноси за 2019 година имаме 938 тони, од кои 420 тони пченица која имаше род од 3,5 тони по хектар, потоа приносот на јачменот изнесуваше 339 тони или 2,9 тони по хектар, приносите од овес изнесуваа 108 тони или 1,8 тони по хектар, додека кај тритикалето родот се движеше во бројка од 68 тони или 3,4 тони по хектар, додаде Каранфиловски.

Ги потсети земјоделците на обврската која тие ја имаат до крајот на 2019 година.

-Во понатамошниот период следи една обврска на земјоделците према подрачна единица Делчево, бидејки имаме нов регистар, ќе треба да се ажурираат податоците, па затоа земјоделците и земјоделските стопанства ќе треба да ја посетат канцеларијата на подрачната единица. Ова најверојатно ќе биде услов за поднесување на субвенции за 2020 години поради што ажурирањето ќе биде неопходно, додаде Каранфиловски.

Земјоделецот Лазаревски Перо од селото Бигла, делчевско е задоволен што конечно денеска започна да се реализира најавената мерка за доделување картички за зелена нафта, што според него во голема мера ќе значи олеснување на работата на земјоделците.

-Одамна се спремаше оваа мерка, сега конечно сме задоволни што ги добиваме тие картички. Секоја година работам во село Бигла, сееме жито, грав, компир, така што задоволни сме од оваа мерка. Исто така субвенциите кои ги добиваме се добредојдени за нас, кој работи ќе земе повеќе, вели Лазаревски.

Иако годинава генерално жетвата не ги исполни очекувањата на земјоделците од Пијанец Лазаревски е задоволен од родот на пченицата која тој ја засеа на површина од 10 декари.

-Десет декари пченица засеав и имав принос од некаде околку 350 килограми род од декар. Задоволен сум од родот. Овде теренот е таков на пример во селата Град, Вирче и други села, нивите се со друг состав на земјиштето и родот е подобар таму, но задоволни сме од тоа што го добивме како род и ние во Бигла. додава Лазаревски.

На доделувањето на картички за зелена нафта присуствуваше и Славе Никовски од село Нов Истевник кој е еден од првите овоштари во делчевскиот регион кој годинава како корисник на ИПАРД програмата се поднови со нов трактор.

-Корисник сум на ИПАРД програмата, оваа година нашето семејство доби трактор марка „Сане“ и сакам крајно да се заблагодарам до Министерството за тоа. Државата ни помогна со 75 проценти, додека наша обврска е 25 проценти од цената. Еве денес сме тука да ги земеме тие картички за зелена нафта, бидејќи за нас секој денар е добредојден, вели Никовски.

Никовски е и еден од првите пчелари во Источна Македонија. Тој се осврна и на состојбата со пчеларството годинава.

-Најголема болест кај пчеларството е самиот газда, ако газдата не ја познава работата нема да има приходи. Јас сум 80 проценти благодарен од моите пчелни семејства. Меѓу првите пчелари сум во овој регион веќе со децении и планирам до крајот на животот да се занимавам со пчеларство, додава Никовски.

Како единствен проблем годинава Никовски ја посочи сливата, за која упати апел до Министерството за земјоделство да се поведе поголема грижа околу откупот.

-Имаме мали проблеми со сливата која веќе е во полн ек на зреење, цени никакви, трговци има, но вршат манипулации, сакаат да ја земат за џабе. Сакам до Министерството за земјоделство да испратам апел да го насочат вниманието кон овој проблем, да биде откупната цена, ако треба два денара, но да биде загарантиран откупот, да не се дозволи менаџерите да ја решаваат нашата судбина. Нека останат во државата парите, но да се знае како во Италија и други држави, дека имаме загарантирани цени. Ззадоволен сум од работатата на подрачната единица во Делчево, каде секогаш заеднички разговараме за проблемите и заеднички ги подготвуваме програмите за аплицирање по мерките од Министерството, истакна Никовски.

За користење зелена нафта за земјоделците од регионот на Делчево и Македонска Каменица, како што информираше градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски се издвоени 2,5 милиони денари.

-За Делчево и Македонска Каменица се наменети 1.200 картички или во пари тоа изнесува 2,5 милиони денари. Мерката опфаќа 30 проценти од трошоците за набавка на гориво во првите години, со тенденција да расне таа поддршка кон земјоделците. Денес имав прилика лично да доделам дел од зелените картички и воедно да извршам увид како тече нивната распределба. предвидениот буџет на ниво на држава е 200 милиони денари, а со оваа мерка ќе бидат опфатени 55 илјади корисници, истакна Трајковски.

Како крајни корисници на овие мерки се земјоделци кои се производители на поледелски и градинарски култури, посточеки лозови и овошни насади.

извор:Вечерпрес

Share Button