fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

По минималната плата ќе се договара и минимална пензија

Најниската исплатена пензија е 10.276 денари, а највисоката 60.294 денари.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, најави денес дека по утврдувањето на минималната плата треба да се разговара и за утврдување на минимална пензија.

„Време е да се разговара за утврдување минимална пензија на ист начин како што имаме утврдена минимална плата, рече  Тренчевска во Штип одговарајќи на новинарско прашање за барањата на пензионерите минималната пензија да изнесува 20.000 денари. Како рок за тоа таа ја најави идната година.

„ На состанокот кога го креиравме моделот за усогласување на пензиите зборувавме со претставниците на Сојузот на пензионери дека да, време е во 2023 година да почнеме да разговараме за систем на минимална пензија како што имаме и минимална плата меѓутоа колкава ќе биде тоа зависи од анализите што треба да се направат во меѓувреме и секако во дијалог со Сојузот на пензионери. Време е да се размислува за минимална пензија“, рече министерката Тренчевска.

Таа потсети дека со усогласувањето во јануари од 2,9% и сегашното од 6,8% пензиите се покачени за околу 10 %, нешто што никогаш во изминатиот период не се случило, а следно усогласување ќе има во март 2023 година.

„ Кога градиме систем градиме за да имаме резултати и на краток и на долг рок, но ако сакавме да бидеме популисти можевме да кажеме на сите линеарно покачување од две, три, пет илјади денари. Ќе го осетат во самиот момент, но тоа не е систем кој што значи трајно решавање на проблемот со усогласување. Како министерка за труд сум насочена кон трајни системски решенија кои даваат резултати и на краток и на долг рок“, рече министерката Тренчевска.

По последното усогласување со кое пензионерите добија покачување на пензиите за 6,8%, посебно пензионерите со најниски пензии се погласно кажуваат дека покачување од 700-800 денари не значи многу во услови кога цените на основните продукти последниве месеци се речиси дуплирани.

Според последната анализа што ја објави Фондот за пензиско и инвалидско осигурување минатиот месец, во јули пензија добиле 330.884 пензионери. Најниската исплатена пензија била 10.276 денари, а највисоката 60.294 денари.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close