fbpx
Вести

По проценката на штетите, земјоделците ќе бидат целосно обесштетени

11 стручни екипи се веќе на терен и вршат проценка на штетите, за кои се уште не може да се каже колкави ќе бидат. Извесно е само дека нема да имаат големо влијание врз земјоделското производство и врз цените на земјоделските производи, а луѓето навреме ќе бидат обесштетени. По проценката на штетите, земјоделците ќе бидат обесштетени преку Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој.

po procenkata na shtetite zemjodelcite kje bidat celosno obesshteteni

 

За проценка на штетите од невремето се формирани 11 екипи, седум од Министерството за земјоделство и уште четири од Агенцијата за храна и ветеринарство. Според првичните проценки од невремето во саботата оштетени се околу 5 илјади земјоделски семејства од 12 населени места во Скопско.

Како што соопшти државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бесир Јашари, стручни екипи се веќе на терен и вршат проценка на штетите, за кои се уште не може да се каже колкави ќе бидат. Извесно е само дека нема да имаат големо влијание врз земјоделското производство и врз цените на земјоделските производи, а луѓето навреме ќе бидат обесштетени.

Според Јашари, причина за последиците од поројниот дожд не се одводните канали зашто тие, напомена, редовно се чистат, не само од Министерството за земјоделство, туку и од Министерството за животна средина и просторно планирање. Секое Министерство дејствува според утврдениот план и динамика во рамки на своите ингеренции.

– Причината за штетите не треба да се бара во каналската мрежа. Каналот на потегот од Гази Баба кон Арачиново е исчистен и се чисти во континуитет. Очигледно врнежите биле огромни што наведува на заклучокот дека нешто се случува и за тоа треба да се подготвуваме. Вчера излеговме на терен и почнавме со чистење на мртвиот добиток за да не се дозволи ширење на какви било зарази. Работат вкупно 11 екипи, седум од Министерството за земјоделство и уште четири од Агенцијата за храна и ветеринарство, нагласи Јашари.

Според него, се работи за елементарна непогода, а не за неисчистени канали.

Тој укажа на потребата од зачувување на шумите зашто, како што објасни, не е исто движењето на водите кога по површината има дрва со оглед дека корените апсорбираат дел од количините.

– Сега е битно да се проценат штетите. Резултатите од проценката ќе бидат доставени до Бирото за судски вештачења, ќе се ревидираат по што ќе следува и исплатата за уништените површини и добиток. Луѓето ќе ги добијат средствата, но за жал жртвите не можат да се вратат, рече Јашари.

По проценката на штетите, земјоделците ќе бидат обесштетени преку Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој.

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close