fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Почна бербата на тутунот во Пелагонија, берачите чинат и до 1500 денари на ден

Тутунот годинава е со одличен квалитет оти и расадот беше добар, а и временските услови за расадувањето во полза на земјоделците.

Почна бербата на тутунот во Пелагонија, ама берачи нема ни за „лек“, се жалат тутунарите кои го години наназад произведуваат поголеми количини на тутун.

Тутунот годинава е со одличен квалитет оти и расадот беше добар, а и временските услови за расадувањето во полза на земјоделците.

Она што во континуитет години назад ги загрижува производителите на тутун е работната сила. Нема берачи на тутун, тешко се наоѓаат, а младите воопшто не се заинтересирани за физичка работа, особено што на тутун берење се оди од ноќи.

Сега според тутунарите, наемни работници се лица околу 60 години и повозрасни. И тие што претходно работеле сега откажуваат.

Годинава цената на берачите од час, се движи околу 250 денари, или за пет часа работа на нива 1.500 на ден по работник. Но, кога ќе се пресметаат трошоците за оброк, пијалак, превоз, тие се уште повисоки.

Марјанчо Цветкоски е млад земјоделец од прилепското село Марул, кој години назад произведува над 5 тони тутун. Годинава расадил тутун на 40 декари земја во парцели во три села, и вели дека за нив во наредните два месеци најголем проблем се наемните работници.

„Аирлија нека ни е, почна сезоната на берење тутун во прилепско. Родот е одличен, задоволни сме, но нема кој да го бере тутунот. Нема интерес иако дневницата е примамлива. Јас за почеток најдов пет мина берачи за цена од 240 денари на час. Со трошокот за храна и превоз, ќе ме чини по 1500 денари дневно за еден работник. Имам 40 декари под тутун во селата Марул, Беровци и Лагово и сама фамилија не може да престигне, мора ангажирање на работници. За работа се нафаќаат само повозрасни луѓе“, вели Цветкоски.

Лани Марјанчо предал 5 тони тутун, годинава очекува да набере до 10 тони, а според трошоците вели дека килограм тутун не смее да биде откупен под 450 денари без субвенциите од државата. Но, за жал цените по класи на договорите склучени со откупните компании останале исти како лани.

„Многу тутунари се откажаа од производството на тутун заради високите трошоци, во Пелагонија остана голем дел од  полето ненасадено. Не се исплаќа, останаа најупорните. Но, што да правиме, вложивме многу во трактори, во механизација, направивме сушари за тутунот, изградивме објекти, сето тоа не чинеше пари и сега каде да одиме, по фабриките, а цените во договорите никако да се сменат“, вели Цветкоски.

Бербата на тутунот допрва ќе се интензивира, во наредните два месеца, а за да се набере секој лист големите производителите што ангажираат и до десет намени работници дневно ќе ги чини и до 250 евра, само за тој трошок.

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close